Силен земјотрес во близина на Света Гора


Земјотрес со јачина од 5.2 степени според Рихтер беше регистриран кусо пред два часот по полноќ во морскиот дел меѓу вториот и третиот крак на Халкидики, а беше почувствуван и на Света Гора за време на бдението по повод Крстовден, јави дописничката на МИА од Атина.

Епицентарот на силниот земјотрес, во кој нема повредени, беше на 22 километри југозападно од Атос.

Монасите од еден од манастирите од Света Гора, на социјалните мрежи објавија видеа од земјотресот снимен од безбедносните камери за време на бдението и ја коментираа смиреноста на свештените лица.

– Паднаа малтери, маслата од кандилата се истурија на подот, а  попот мирно продолжува да го јаде лебот по Светата Причест. Свештеникот продолжува да се причестува како ништо да не се случува, напишаа монасите на „Фејсбук“, објавувајќи го моментот од силниот земјотрес.

Неколку часа пред земјотресот од 5.2 степени, со истиот епицентар беше регистриран и земјотрес од 4.4 степени според Рихтер.