Силен удар за Додик и Изетбеговиќ на локалните избори во БиХ


Партијата Додик ја изгуби Бања Лука, а Изетбеговиќ го изгуби Сараево и сите поголеми градови во федерацијата

Победата на кандидатот на Партијата за демократски прогрес (ПДП), Драшко Станивуковиќ, кој имаше поддршка од низа опозициски партии, на изборите за градоначалник на Бања Лука е можеби најголемото изненадување на локалните избори во Босна и Херцеговина.

Во текот на славјето во изборниот штаб, Станивуковиќ најави отворање на Бања Лука за граѓански собири, кои беа ограничени од страна на претходната власт, и рече дека неговата победа би требало да биде знак за цела Република Српска. „Ова е порака и до сите наши граѓани, кои заради лошата политика мораа да го напуштат нашиот град, да се вратат во Бања Лука“, рече Станивуковиќ.

Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, го призна поразот и рече дека „губењето на Бања Лука не е мал удар“ и ги прекори луѓето од Бања Лука дека „не се фер“ кон неговиот кандидат за градоначалник Игор Радојичиќ.

Во коментар за локалните медиуми, уредникот на бањалучкиот портал „Вистинито“, Жељко Раљиќ, оцени дека победата на Драшко Станивуковиќ е „израз на граѓанското незадоволство во Бања Лука, каде СНСД владее од 2000 година“: „Препознато е дека таа власт работела за свои интереси, а не за интересите на граѓаните. Со ова почнува циклусот на промени во Република Српска, а потоа и во цела Босна и Херцеговина“, смета Раљиќ.

Во Сараево, групата партии со граѓанска ориентација „Четворка“ – Наша партија, Социјалдеморкатска партија на БиХ, Народ и правда и Независна босанскохерцеговска листа, ја поразија во неколку општини Партијата за демократска акција (СДА), што се смета за големо свртување на гласачкото тело во главниот град на БиХ.

Тој опозициски блок, првпат основан во пресрет на годинашните локални избори, освои градоначалнички места во 11 општини, додека СДА ја задржа или ја освои власта во 30 општини.

Меѓу нив нема ниту еден голем град, бидејќи во Зеница сегашниот градоначалник Фуад Касумовиќ освои нов мандат како независен кандидат, во Тузла градоначалникот остана Јасмин Имамовиќ од СДП, а во Бихаќ уште еден мандат го освои независниот Шухрет Фазлиќ.

Кандидатот на Наша партија, Срѓан Мандиќ, извојува голема победа во сараевската општина Центар. „Соништата кои ги сонувавме уште во рововите, во текот на агресијата врз нашата земја, сега се остваруваат. Ова е почеток на некоја нова БиХ“, рече Мандиќ.

Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, го призна поразот во Сараево и нагласи дека е свесен за промените во големите градови. „Загубивме во Сараево, но победивме во БиХ. Гледаме промени во Бања Лука и Бијељина. Тоа не се ‘тектонски’, но се важни промени“, рече Изетбеговиќ.

Аналитичарите оценуваат дека Драшко Станивуковиќ има шанси да стане политичар каков што во БиХ се посакува одамна, „под услов да не кокетира со национализмот“. Тие наведуваат дека избирачите на овие избори ги казниле аферите и негативните кампањи, посебно на подрачјето на Сараево. Исто така, нагласуваат дека победите во трката за градоначалници без соодветна поддршка во општинските совети, би можеле да резултираат со блокади.

Според Централната изборна комисија, на локалните избори во БиХ гласале половината од 3,2 милиони регистрирани гласачи.  (Според агенциите)