Силен тајфун се движи кон јапонските острови Окинава

Силен тајфун, втор оваа недела, се движи кон островите Окинава на југот на Јапонија.

Метеоролозите во последните неколку дена предупредуваа за тајфунот Хаишен, повикувајќи ги луѓето да се подготват за рекордна бура, да набават храна и вода и да бидат подготвени да се засолнат.

Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека Хаишен, кој рано денеска достигна брзина на ветер до 180 километри на час, е на пат да ја погоди Окинава до недела, а подоцна и главниот јужен остров Кјушу.

Но, дождот, плимата и ветерот ќе погодат пред тајфунот, соопшти агенцијата.

Хаишен, или „морски бог“ на кинески, се движел на север со 15 километри на час од морето, јужно од Минами Даито, остров во јужна Јапонија.

Официјалниот претставник на Метеоролошката агенција Јошихиса Накамото рече дека е загрижен поради тоа што луѓето ќе останат дома наместо да бегаат, плашејќи се од корона вирусот.