Силен пораст на индустријата во еврозоната во февруари, производителите ги мачат набавките


Активностите во индустријата во еврозоната во февруари пораснаа со најсилно темпо во последните три години, поттикнати од странската побарувачка, што истовремено предизвикува проблеми во снабдувањето со суровини и зголемување на цените на влезните елементи, што сигнализира зајакнување на инфлацијата, покажа извештајот на „Маркит“.

Индексот на менаџери за набавки на индустријата во еврозоната во февруари порасна за 1,3 поени, од 57,9 поени на највисоко ниво од јануари 2018 година, соопшти фирмата за собирање и обработка на економски податоци со седиште во Лондон, штто е мал пораст во однос на претходната проценка на овој индекс, пренесува регионалниот портал СЕЕбиз.

Вредностите над 50 поени означуваат зголемување на активностите, а оние под оваа вредност пад на активностите.

„Производителите имаат корист од обновената побарувачка на стоки на домашните и странските пазари, поврзана со надежите за закрепнување во периодот по КОВИД-19, поттикнувајќи зголемување на залихите и инвестициите во деловната опрема и машини“, објаснува економистот на „Маркит“, Крис Вилијамсон.

Зголемениот прилив на нови нарачки го одразува најсилниот раст на странската побарувачка од почетокот на 2018 година, забележува „Маркит“.

„Забрзаниот раст донесе одредени проблеми, така што понудата сè уште не ја следи побарувачката. Бројни деловни лидери наведуваат (проблеми) доцнења во испораката и недостиг на материјал, а резултатот се ретко видени доцнења во синџирите на снабдување”, изјави деловниот економист на „Маркит“.

Тоа поттикна најсилен раст на цените на инпутите во последните 10 години, навестувајќи континуиран пораст на потрошувачките цени во наредните месеци до воспоставување рамнотежа меѓу понудата и побарувачката, додава Вилијамсон.

Притисоците на повисоките влезни трошоци беа особено изразени кај производителите во Германија, Холандија и Австрија, но благодарение на подобрената побарувачка, компаниите низ еврозоната можеа да пренесат некои од повисоките трошоци на клиентите, забележува „Маркит“.

Истражувањето за февруари покажува дека цените на производството во индустријата во еврозоната се зголемија најмногу од април 2019 година.

Во такво опкружување, деловните лидери во февруари покажаа најголем оптимизам во предвидувањата за следните 12 месеци откако „Маркит“ започна да спроведува анкети за расположение во средината на 2012 година, надевајќи се на вакцинација и контрола на пандемијата во наредните месеци.

Нивниот оптимизам се рефлектираше во зголеменото вработување на нови работници, првпат по речиси две години, забележуваат во „Маркит“.