Силен град голем колку орев ги уништи овоштарниците во Битолско


Силен град со големина на орев ги погоди битолските села Бистрица, Кравари и Егри. Градот направи големи штети по овоштарниците, зашто во овој дел најмногу се одгледуваат јаболка и праски. Виолета Јанеска, овоштар од Бистрица, вели дека градот кој удрил нешто по 20 часот вчера,  оштетил добар дел од јаболката кои се во фаза на оформување на плод , а праските сосема ги уништил откако и претходно беа измрзнати од пролетните мразеви.

Градот  ги „обра“ и јагодите и црешите, се жалат овоштарите. Силниот град кој траел околу десетина минути причинил и значителни штети и на куќите, па според направените фотографии се гледа направил дупки и на надворешните ролетни и на фасадите.

„Почна да дува силен ветер и дожд и наеднаш истури силен град. Траеше прилично долго, можеби околу 10 минути и беше пороен. Сѐ е легнато по земја. Нема што да собереме од родот. Оштетувањата на јаболкниците кај нас се на површина од 2 хектари, а ни ги оштети и насадите со јагоди и цреши. Најтешка е состојбата кај праските кои и онака поради измрзнување од пролетните мразеви броевме штети“, вели Јанеска.

Овоштарите ќе бараат од Општина Битола да излезе на терен, да ја констатира штетата и да им ја надомести. (А.Б.)