Силен град ги уништи овоштарниците во Преспа
Силно невреме со град и пороен дожд ја погоди Преспа и предизвика големи штети на овоштарнците. Преспанските овоштари споделуваат фотографии и видеа на кои и по 30 минути од невремето се гледа дека патеките во овоштарниците се покриени со мраз.
Овоштар од Евла вели дека ова што ѝ се случи на Преспа е голема катастрофа, особено што овој крај го зафатија и пролетните мразеви па родот беше преполовен.
„Голема катастрофа нѐ снајде, само здравје да кажеме, зошто од родот не остана ништо, секое јаболко е оштетно, има скршени гранки, а по фотографиите се гледа дека мразот останува на земја и не се топи. Интервенираа и авионите за засејување на облаците, ама не помогнаа денеска“, вели овоштар од Преспа.
Веднаш по големото невреме градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски излезе на увид во село Царев Двор.
„Уште в понеделник ќе биде објавен јавен повик за пријавување на штети, а во најкус можен рок ќе се формира општинска комисија која ќе направи проценка на шетите. Сите алатки кои се во наши раце ќе бидат употребени во заштита на трудот на преспанскиот земјоделец“, истакна градоначалникот Гошаревски. (А.Б.)
