Сила бога не моли


Воведувањето на вонредна состојба не е преврат, воен удар, насилно  преземање на власта, туку мирновременска просветна и хуманитарна борба за спасување на животите на граѓаните кои се загрозени од пандемија, но и за спасување на општествените и приватни добра и имоти

ЕРОЛ РИЗАОВ

Ни на сон не сум помислил во изминатите 45 години откако сум во професијата, дека осведочени демократи, медиуми, новинари и познати јавни личности и мнозинството граѓани ќе поддржат воведување на вонредна состојба, а со тоа и ограничување на човековите права и слободи. Претседателот на државата Стево Пендаровски и Владата со голема поддршка на целата јавност ја презедоа одговорноста за раководење со војната против невидливиот непријател – корона вирусот, кој го загрозува животот на повеќе илјади граѓани.

Тоа ни се случува за првпат во 76-годишната историја на парламентарна Македонија за да се дисциплинираме со забрани и ограничувања. Војската ќе излезе од касарните и заедно со полицијата и други надлежни органи ќе ги спроведуваат одлуките кои ќе имаат сила на закони. Претседателот на државата, Владата и државните институции го презедоа тешкиот товар, не за да воведат диктатура, туку за спасување на  животот на граѓаните, на нивните имоти и на целото стопанство.

Сила бога не моли. Тоа е тоа што сега најмногу и треба на нашата држава, како и на целиот свет и нашето опкружување: ред и дисциплина од секој граѓанин. Секој спасен живот, секое намалување  на бројката на заболени  е  врвен приоритет кој ги менува и одложува сите други активности.

Корона вирусот и разбирливиот страв од пандемијата не ни даде ни минута да се израдуваме на добрите вести за членството на Македонија во НАТО по потписот на шпанскиот крал Фелипе Шести, кој ја потврди одлуката на шпанскиот парламент во многу критични моменти за Шпанија, жестоко нападната од смртоносната епидемија. Нема простор ни за радост по вестите од Холандија, од Франција и од Брисел дека повеќе нема пречки Македонија, без условувања,  да ги отпочне преговорите со ЕУ. Тоа беа до вчера нашите големи гајлиња и теми на партиски и предизборни препукувања, на нашите делби и омрази во битките за власт. Сега тоа е како далечно минато кое чека мирни времиња за политички натпревар и гледано од овој денешен агол на злото што не снајде, за неразбирливи кавги.

Последното гајле секогаш е најголемо. Затоа уште во стартот на вонредната состојба, од првиот миг, мораме да сфатиме дека  ограничувања на правата и слободите ќе има, но тоа не смее да биде  преврат, или воен удар, пуч, или преземање на власта, туку мирновременска просветна и хуманитарна борба за спасување на животите на граѓаните и спасување на државните и приватни добра и имоти. Во оваа војна предводена од претседателот на државата и на  владата учествуваат сите релевантни  партии и лидери, државни институции и човечки ресурси кои ќе бидат повикани, или сами ќе се јават  да го дадат својот придонес. Ќе има многу обврски за сите и за претседателот и за премиерот, за министрите, за армијата, за полицијата, за деловните луѓе, за тие што ќе останат дома изолирани, но најмногу за здравствените работници. Тие се нашата најголема надеж, нашите херои.

Тоа што требаше и мораше  да се направи пред повеќе денови се направи денес. Задоцнувањето од неколку дена поради политички калкулации и неодлучност дали вонредна или кризна состојба, да се прогласи сега или по еден месец ќе го земат данокот. Секое доцнење па макар и еден час може за многу луѓе да биде фатално. Во изминатите денови имаше  повеќе апели, молби и препораки отколку строги наредби, контроли и ограничувања на опасностите кои го загрозуваат животот на илјадници граѓани.

Првата мошне успешна фаза на борбата со корона вирусот заврши со десетина откриени случаи и ниеден починат. Сега влегуваме во прогресијата на болеста која во моментот опфаќа повеќе од 35 луѓе и која се шири секојдневно и според предвидувањата на епидемиолозите може да го загрози животот на повеќе илјади граѓани и да ја клекне на колена целата земја со досега невидена, здравствена, економска и социјална  катастрофа ако не се применат вонредни, мерки и ограничување не само на  движењето на луѓето, туку воопшто на однесувањето на сите институции на системот, на сите компании и на секој граѓанин.

Примерот на Италија, на Шпанија и на Велика Британија кои ја потценија опасноста е најдобрата трагична лекција која јасно ни покажа што треба да се преземе. Во овие повеќемилионски земји, до неколку стототни заболени заканата не се сфаќаше сериозно со брзи и строги ограничувања на движењето на луѓето. За само неколку дена таму експлодира чумата на  21 век. Македонија не ја потцени опасноста од страшната закана и во првиот период од ширење на болеста, имајќи ги предвид ограничените капацитети со кои располага, постигна извонреден успех. Кога поради неможноста да се ограничи целосно движењето и затворањето на границите без соодветни одлуки дојде до ширење на заразата, затоа и  одлуката за вонредна состојба стана неминовна, а дебатите за тоа прашање беспредметни.

Покрај надлежните институции претседателот на државата, премиерот и Владата во ова војна голема улога треба да одиграат и медиумите. Повеќе  ограничувања на новинарските слободи нема да ни се допаднат. Но, лажните вести и злоупотреби на медиумите и социјалните мрежи, излевањето на примитивизам и омраза преку телевизиите со таканаречените емисии во кои се јавуваат граѓани и платени партиски активисти треба да се забранат, дури и да нема вонредна состојба. Меѓутоа, од друга страна, во ова војна не смее да загине вистината. Да за ограничувањата за попречување на војната со вирусот, но само до моментот на злоупотребата на власта за други цели. Ако до тоа дојде поради прималивоста на моќта и лесната расипливост на неограничената власт, или поради евентуалниот неуспех и неостварување на очекувањата на граѓаните во совладување на масовна зараза од корона вирусот, тогаш, медиумите не може да ги запре ни еден режим, ни една диктатура.  Воспоставувањето на режим и злоупотребата на власта за остварување на партиска превласт и богатење, а не за спасување на здравјето на граѓаните и на државата, сепак, е поопасно и од вирус. Тоа може силно да им се удри од глава на сите ако ја изневерат силната поддршка и доверба.