Сикорски го предупреди Маск да не прави политика со интернетот
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го предупреди Илон Маск дека европските корисници ги следат неговите постапки, по извештаите дека неочекуваните ограничувања на „Старлинк“ ги попречиле украинските воени операции.
„Еј, @elonmusk, голем човеку, дали повторно си играш политика со твоите производи? Како твои европски корисници, ние те следиме“, напиша Сикорски на платформата X.
Неговите коментари уследија по украинските извештаи дека некои терминали на „Старлинк“ почнале да ја губат врската додека се движеле со голема брзина, што ги попречувало мисиите со дронови.Украина тврди дека ограничувањата биле воведени без предупредување.
Серхиј „Флеш“ Бескрестнов, советник на претседателот за одбранбени технологии, на Телеграм изјави дека „Спејс-Икс“ (SpaceX) ги вовел ограничувањата преку ноќ, без да ги извести украинските одбранбени сили. Според Бескрестнов, ограничувањето влијаело на воениот сервисен пакет „Starshield“ и се однесувало на терминали што се движат со брзина поголема од 100 милји на час, односно приближно 160 километри на час. Тој изјави дека биле попречени неколку мисии и ја поврза промената со политичката ситуација.
7-миот корпус за брза реакција на Украина изјави за „Ројтерс“ дека забележале прекини во врската во траење од 10 до 20 секунди при брзини од само 110-120 километри на час (68-75 милји на час). Дроновите продолжиле да летаат, но прекините го отежнале нивното управување и ги принудиле единиците да откажат некои мисии. „SpaceX“ не одговори веднаш на барањето за коментар од „Ројтерс“.
Извори од украинското Министерство за одбрана велат дека проблемите со поврзувањето, откриени во текот на ноќта, ја попречуваат логистиката и операциите со дронови. Очигледното исклучување на корисниците кои се движат со брзина поголема од 160 км/ч (100 милји на час) сè уште е предмет на истрага.
Потсмешливото обраќање на Сикорски потсетува на неговиот спор со Маск од март 2025 година околу доверливоста на „Starlink“ за Украина. Во тоа време, Сикорски изјави дека Полска плаќа приближно 50 милиони долари годишно за пристапот на Украина и дека ќе побара друг добавувач доколку „SpaceX“ се покаже како недоверлив.
„Молчи, мал човеку“, одговори Маск. Подоцна тој изјави дека „Starlink“ никогаш нема да ги исклучи терминалите на Украина, без оглед на неговите несогласувања околу политиката.
Европските лидери исто така вршеа притисок врз Маск да го прошири пристапот на Украина. Во септември, финскиот претседател Александар Стуб го повика да овозможи покриеност со „Starlink“ околу руските лансери за балистички ракети, тврдејќи дека помошта за Украина да ги уништи пред лансирањето би можела да спаси цивилни животи.
Ваквиот потег повлече многу коментари и во Украина. Новинарот Илија Помаренко напиша дека потегот е направен под влијание на Трамп и дека, кога ќе ги употреби сите закани кон Киев, американскиот претседател ќе стане бескорисен за Москва.
Н„ајважното е што, штом Трамп конечно ќе ја прекине дури и продажбата на оружје платено со европски пари, како и размената на разузнавачки податоци и пристапот до „Старлинк“ (а мислам дека тој ќе оди до крај, бидејќи претера во својот хистеричен страв од претстојниот изборен пораз и целосно ја изгуби главата поради ветувањата за корумпирани зделки со Кремљ) – Путин повеќе нема да има никаква корист од него.
Трамп ќе го направи сето она што е во негова моќ за да ѝ наштети на Украина, ќе ја принуди да најде барем делумни замени за сè што е американско, целосно и неповратно ќе ги уништи последните остатоци од довербата на западниот свет кон САД и кон улогата на Америка во слободниот свет, а потоа Путин ќе го фрли на ѓубриште, безда добие ништо суштинско за возврат. Не мислам дека после тоа Путин и неговиот мафијашки советник воопшто ќе мораат да продолжат да му го „мавтаат морковот пред нос“ на Трамп и на неговите соработници. Трамп тврдоглаво ќе продолжи да си пука во сопствената нога поради Украина сè до горчливиот крај, ќе продолжи да се лигиви по ветувањата за „зделки вредни 12 трилиони долари“ и никогаш, ама баш никогаш, нема да ја признае својата најголема грешка“, напиша Помаренко на Х.