Сијарто ја замоли Бугарија да не ја попречува Македонија

За унгарскиот министер ова што сега се случува во ЕУ околу Македонија е нечесен однос. Османи најави потврд став - повеќе нема да прифаќаме било какви чекори кои ќе значат неизвесност и продолжување на процесот


Политиката на ЕУ кон Западен Балкан е неефикасна: Петер Сијарто и Бујар Османи (Фото: Б. Грданоски)

Изминатата седмица ЕУ повторно го остави Западниот Балкан „на суво“,  оцени денес на прес-конференцијата со домаќинот, шефот на дипломатијата Бујар Османи унгарскиот гостин Петер Сијарто. Тој не штедеше зборови за да покаже колку Будимпешта е незадоволна, па како што рече и исфрустрирана од немањето одлука за преговори за Македонија и за Албанија, но критиките главно ги насочи спрема Брисел, место кон Бугарија, која ја замоли да не прави повеќе пречки на Македонија да ги почне преговорите, туку националните прашања што ги има да ги решава додека тие траат. 

„Пред една и пол година донесовме одлука ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија. Ова сега е нечесен чекор од ЕУ, бидејќи земјата направи сѐ што е неопходно. Оваа состојба го нарушува кредибилитетот на Европската унија – од една страна признаваме дека вашата земја ги исполнила условите, а од друга страна не почнуваат преговорите. Ваквите состојби се штетни, опасни и спротивни на безбедносните и другите интереси на ЕУ.  Политиката на ЕУ кон Западен Балкан станува неефикасна, поради што Унгарија бара преговорите  за членство на Македонија и на Албанија да започнат веднаш. Нам ни треба успех, а оваа одлука би била тоа. Затоа, Унгарија ќе прави сѐ ЕУ што побргу  да почне со проширувањето на Западен Балкан“, рече Сијатро. 

Запрашан зошто ја лоцира одгоорноста  во ЕУ кога не блокира една земја членка, тој одговори индиректно. 

„Ги замолувам пријателите од Бугарија своите национални прашања да пробаат да ги реализираат  во текот на преговорите за членство, а не со попречување на нивниот почеток“, рече Сијарто, додавајќи дека кога би се прашувала Унгарија, Македонија веќе ќе ги имаше почнато преговорите со Унијата. 

Министерот Османи му се заблагодари на Сијарто на поддршката што Унгарија во континуитет ја дава на евроинтеграцијата на Македонија, нагласувајќи дека граѓаните кај нас сѐ помалку имаат разбирање за фактот дека ЕУ уште еднаш не донесе одлука за започнување на преговорите. Според него, имајќи го предвид досегашниот тек на разговорите и напредокот што е остварен, рокот од шест месеци што си го даде новиот бугарски премиер за преговори со Македонија е предолг. Кредибилитетот на ЕУ и непредвидливата регионална состојба, оцени тој, не можат да издржат толку чекање додавајќи дека – ако има политичка волја, спорот може да се реши и во јануари. 

„Ние го заслужуваме овој процес. Нема да престанеме да работиме додека не станеме членка на ЕУ. Се разбира дека тоа има колатерални штети. Сметам дека не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел, ниту Софија. Тоа е ветено, тоа треба да го испорачаат, па и по цена на трошење на политичкиот капитал на секој од нас“, посочи Османи.
 

Тој додаде дека Македонија нема да прифати чекори кои ќе значат неизвесност.

„Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, но тој документ мора да го прифатиме и ние. Нашиот став ќе биде јасен, дека повеќе нема да прифатиме какви било чекори кои ќе значат неизвесност, кои ќе значат продолжување на процесот. Повеќе од една година барам да се одржи вториот состанок на меѓувладината комисија, бидејќи тоа е најобјективниот барометар за тоа дали се имплементирал Договорот со Бугарија. Другите оценувања се необјективни“, додаде Османи.