Сијарто: Груевски бил главен консултант на Будимпешта за Западен Балкан


Расправата во унгарскиот парламент се претвори во кавга за експремиерот Никола Груевски, откако опозицијата ја обвини власта дека му помогнала да избега од правдата.

Опозициската пратеничка Агнес Вадаи постави прашање за целта на тајните средби со Груевски, споменувајќи го состанокот со заменик државниот секретар во унгарското МНР во еден стан на Кинези во Будимпешта.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто реплицираше дека со Груевски комуницираат за да добијат, како што вели, најавтентични информации за тоа што се случува на Западен Балкан, со оглед на неговото 10-годишно искуство како премиер.

„Ние регуларно разговараме со него“, рече Сијарто и додаде дека не е важно каде се одржуваат средбите.

„И да, ние постојано разговараме со него. Каде и како не е важно. На пример, во министерството јас често разговарам со него во мојата канцеларија. Ќе ги одржуваме контактите со него и во иднина, и ќе продолжам да го консултирам за Западниот Балкан и во иднина. И да ви кажам уште нешто драги колеги, Никола Груевски ја поддржува евро-атлантската интеграција на неговата земја“, рече Сијарто.

На забелешките на опозицијата дека Груевски е осуден за корупција, Сијарто рече дека станува збор за двојни стандарди бидејќи и актуелниот премиер Зоран Заев бил обвинет за корупција, но добил помилување од претседателот на државата.

Унгарската влада неколкупати досега изјавуваше дека нема никакви контакти со азилантот Никола Груевски, но информациите и фотографиите на интернет-весникот 444.hu покажаа дека властите во Будимпешта се во постојана врска со поранешниот македонски премиер, кој избега од земјава за да не служи казна затвор. Унгарските колеги го уловија Груевски како се среќава со Иштван Јо, заменик-државен секретар во Министерството за надворешни работи, но не во зградата на Министерството туку во изнајмен стан во сопственост на кинески државјани.

 

 Заев: Груевски избегал во гепек на автомобил

 

Груевски, односно неговото бегство беше тема и во интервјуто на премиерот Зоран Заeв за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ направено во пресрет на средбата со канцеларката Ангела Меркел.

На прашањето на новинарот зошто по пресудата од две години затвор за Никола Груевски, која беше донесена во петокот, бившиот премиер не бил спроведен во затвор, Заев вели дека според македонската пракса криминалците не се спроведуваат во затвор за викенди, па тоа било оставено за понеделник. Но тој изнесе и детали како Груевски избегал.

„Ние го следевме, но според нашите закони тоа можеме да го правиме само кога тој се движи на јавни места. Не во приватните соби. Но тој некако успеа да избега. Ние сега знаеме како. Со лифтот се симнал во подрумот и потоа се сокрил во гепекот на автомобилот со кој излегол од земјата. Во Албанија, каде што го чекало дипломатско возило на Унгарија“, рече Заев.