Сијарто: ЕУ продолжува да се противи на проширувањето со Западен Балкан


Земјите од западниот и северниот дел на Европската унија продолжуваат да се противат на проширувањето на Унијата со Западен Балкан, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нарекувајќи ги неодамнешните разговори во Европскиот совет „отрезнувачки“, пренесува МТИ.
ЕУ повторно не обезбеди датуми за пристапување на кандидатите од Западен Балкан, а пристапните преговори допрва треба да започнат со Северна Македонија и Албанија, се вели во објавата на Сијарто на Фејсбук.

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека Србија отвори четири нови поглавја во процесот на интеграција, со што бројот на отворени поглавја се искачи на 22, од вкупно 35.

„Брисел повторно се движи кон политика за Западен Балкан која е ограничена на лекции и санкции“, рече тој.

Сијарто напомена дека новата министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, му се заканила со санкции на српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Тој рече дека Унгарија ќе стави вето на таков чекор во ЕУ, доколку некогаш излезе пред Советот на ЕУ.
Босна и Херцеговина е географски блиску до Унгарија, ние сме заинтересирани за нејзината стабилност и мир и сметаме дека изјавите како онаа на германскиот министер се „загрижувачки“, нагласи Сијарто, пренесе Танјуг.