Сијарто беше во Скопје, а по една недела Муцунски отиде во Будимпешта


 

Размената на посети меѓу членови на Македонија и Бугарија оди на брза лента. Минатата недела унгарскиот министер за надворешни работи беше во Скопје каде што потпиша договор за стратешко партнерство со Тимчо Муцунски, а денеска македонскиот шеф на дипломатија е во Будимпешта. Тој е учесник на меѓународната конференција „Будапест глобал дијалог 2025“ во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.

Како што соопшти МНР, во своето воведно обраќање на конференцијата, Муцунски ја нагласил потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакнал дека посилна и покоординирана Европска унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

Посебен акцент во обраќањето бил ставен на политиката на проширување „Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност“, истакна министерот Муцунски.

Во своето излагање тој подвлекол дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но посочил дека постојат линии што нема да бидат преминати – затоа што, како што нагласил, тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.

„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме – без услови, без извинување, без бришење“, истакнал Муцунски.