Сибиха : Војната во Украина влезе во одлучувачка фаза


Војната во Украина достигна одлучувачка фаза која бара од сојузниците да ја засилат својата поддршка и да го зголемат притисокот врз Русија, соопшти украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха по состанокот на Советот НАТО-Украина одржан во Хелсингборг.

Сибиха на социјалната мрежа Икс нагласи дека Украина цврсто ги држи своите позиции и дека големиот број руски војници повеќе не претставува одлучувачка предност на теренот. Според него, за постигнување мир потребно е фокусот да се стави на три клучни елементи: дипломатија, притисок и сила, со истовремено зајакнување на таргетираните санкции кон Москва.

Украинскиот министер ги информираше партнерите и за зголемените закани кои доаѓаат од територијата на Белорусија, повикувајќи ги членките на Алијансата да преземат одлучни мерки за да се спречи каква било експанзија на агресијата од страна на Москва и Минск. Тој посочи дека Украина веќе не бара само донации, туку функционира како партнер подготвен да ја сподели својата експертиза со сојузниците.

Сибиха додаде дека минатогодишната одлука на НАТО за зголемување на воените трошоци на 5 отсто од БДП претставува историска пресвртница за сојузот. Тој упати благодарност до Соединетите Американски Држави и до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за нивната клучна улога во постигнувањето на овој стандард.