Си заминува Асаф Адеми: Министерот за култура се повлекува од здравствени причини


Министерот за култура Асаф Адеми се повлекува од функцијата поради здравствени причини. Името на неговиот наследник сè уште не е познато, во оптек се повеќе имиња. Од Владата ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата и велат дека за кадровски прашања ќе се разговара по завршување на претседателските избори.

Адеми го навлече револтот на јавноста по контроверзното доделување средства во годишниот конкурс на Министерството за култура. Тој дојде како кадар на скопското крило на Беса, односно денешна Алтернатива, бидејќи претседателот Африм Гаши стана коалициски партнер во владата на Зоран Заев.

Функцијата министер за култура ја извршуваше од јуни минатата година кога го наследи Роберт Алаѓозовски. Асаф Адеми (39) е магистер по градежништво.