Шверцот преку Јажинце под контрола на локални функционери


Граничниот премин Богородица е транзитна точка за трговија со дрога, особено за хероин кој доаѓа во регионот, како и за канабис кој се шверцува од Албанија кон Грција и Турција. Преминот Јажинце, пак, се смета за главна точка за трговија со различни стоки. Ова се дел од заклучоците во извештајот на Глобалната иницијатива против организираниот криминал, кој беше презентиран во Виена.

„Вработените на граничниот премин се под сомнение дека се под контрола на локални партиски функционери. Тоа е на линија со добро етаблираната практика на премолчено давање на контролата врз граничниот премин на политички сојузник во замена за поддршка на владејачката партија“, се наведува во извештајот што го објави Дојче веле.

Поранешен полициски офицер, чие име не се наведува во извештајот, објаснува како се одвива илегалната трговија преку Јажинце:

„По полноќ, околу 3 часот наутро, полицијата и цариниците често добиваат наредба од нивните шефови да ги исклучат сите камери и да замижат едно половина час. За тоа, се разбира, добиваат адекватна награда. Камионот што поминува во тој период ѝ припаѓа на криминална група која го дели профитот со високи функционери на владејачката албанска партија“. За одбележување е дека интервјуто со поранешниот полицаец било водено во ноември 2018 година.

Во делот на градовите како жаришта на организираниот криминал во Македонија се издвојуваат Скопје, Велес, Штип и Кочани. Според извештајот, „главните криминални групи во Скопје се контролирани од етнички Албанци“. Најчестите форми на организиран криминал се трговија со дрога, кражба на возила, шверцување мигранти, како и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, како и можност за перење пари“.

„Трите главни криминални групи кои оперираат во регионот: од селата Арачиново, Кондово и Грчец, уживаат политичка заштита“, заклучува организацијата во извештајот.

Велес, пак, се смета за една од главните крстосници на трговијата со дрога на Балканот. Според наодите на извештајот, во градот се врши размена на хероин за канабис меѓу криминални групи од Бугарија, Македонија, Албанија и Грција. Штип, како трет на листата на жешки точки, има директна поврзаност со Велес, а притоа е сместен на главната хероинска рута. И Кочани ја дели судбината на Штип во однос на местоположбата, и од него најчесто се шверцуваат цигари и канабис, пренесува „Дојче веле“.