Шведски гигант ќе врачи 1.200 откази


(Фото: Википедија)

Шведската компанија „Ериксон“ (Erikson AB), еден од најголемите светски добавувачи на мрежна опрема за 5G, најави дека ќе отпушти 1.200 работници во Шведска или 8,6 отсто од работната сила таму, со цел да ги намали трошоците.

„Ериксон“ претходно оваа година предупреди дека нејзиниот пазар надвор од Кина ќе продолжи да опаѓа во 2024 година и дека инвестициите на многу оператори ќе останат на „неодржливо ниско“ ниво.

Пред околу една година, „Ериксон“ објави дека ќе отпушти 8.500 вработени, или околу осум отсто од својата светска работна сила.

Ривалската компанија „Нокиа“ (Nokia Oyj) во октомври 2023 година објави дека ќе укине дури 14.000 работни места, или 16 отсто од својата глобална работна сила.

Акциите на „Ериксон“ паднаа за 0,8 отсто на 56,97 шведски круни на берзата во Стокхолм.

Од почетокот на годината вредноста на акциите на „Ериксон“ падна за 9,9 отсто.