Шведска забрани собирање на повеќе од 50 лица


Премиерот на Шведска во петокот соопшти дека собирите на повеќе од 50 лица ќе бидат забранети како дел од напорите на нордиската држава да го забави ширењето на коронавирусот.

„Чекор по чекор, се донесуваат одлуки така што во секоја дадена ситуација ние создаваме најдобри услови за општеството и здравствената служба да се справат со оваа криза“, рече Стефан Левен на прес-конференција во Стокхолм.

Сегашната граница на собирите е 500 луѓе и се применува од 11 март. Секој што ќе го прекрши новото правило може да биде казнет или осуден на затвор до шест месеци, соопшти владата.

Новото ограничување ќе се применува од недела и е последниот чекор во постепено заострување на ограничувањата во Шведска: универзитетите се затворени и од луѓето е побарано да работат од дома каде е можно.

Сепак, земјата сè уште има порелаксиран режим од многу други земји во Европа, при што училиштата остануваат во голема мера отворени, а луѓето слободни да доаѓаат и да излегуваат од своите домови.