Шведска високо ја вреднува работата на СЈО


Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон имаше средба со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на која пренесе дека шведската влада високо ја вреднува работата на Специјалниот јавен обвинител и нагласи дека продолжувањето на досегашните истраги, обвиненија и случаи треба да биде обезбедено.
„Шведска и другите земји членки на Европската унија одблиску ги следат преземените чекори за измените на Законот за јавното обвинителство, со кои СЈО би станало постојан дел на правниот систем на Северна Македонија и во иднината би требало исто така да има проширен мандат за делување со други случаи на корупција на високо ниво“, изјави Стафансон.
Амбасадорот Стафансон ги поздрави позитивните промени кои се случуваа во изминатиот период во Северна Македонија.
„Договорот од Преспа со Грција кој беше неодамна ратификуван, еднаш засекогаш го решава долгогодишното ‘прашање со името’, покажувајќи на светот дека Балканот може да генерира стабилност и позитивна енергија. Сепак, сѐ уште постои силна потреба за справување со корупција на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации“, додаде Стафансон.
Во овој контекст, СЈО мора да ја задржи својата круцијална улога преку осигурување на неговите капацитети и независност.
„Бидејќи има јасно влијание врз ЕУ перспективата на Северна Македонија, политичките партии и Собранието би требало да го решаваат ова прашање со огромна итност”, смета Стафансон.