Шведска се согласи да екстрадира маж во Турција за поддршка за влез во НАТО


 

Шведска – Шведската влада денеска одлучи да испорача на Турција маж кој таму се бара поради измама.

Тоа е прв одговор на Шведска на барањето на Турција, која побара екстрадиција на голем број луѓе во замена за дозвола од Стокхолм да аплицираат за членство во НАТО. Турција го укина своето вето на кандидатурата на Финска и Шведска за влез во НАТО во јуни, по неколкунеделни тензични разговори во кои Анкара ги обвини двете нордиски земји дека засолнуваат, како што вели Турција, војници од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).

Како дел од договорот, Турција достави список на луѓе што сака Шведска да ги екстрадира, но подоцна изрази незадоволство поради недостигот на напредок, пренесува Ројтерс.

Првиот познат случај на екстрадиција во Турција по потпишувањето на договорот е маж на возраст од 30 години, пренесува Бета.

Министерот за правда на Шведска, Морган Јохансон изјави дека е „турски државјанин осуден за криминална измама во Турција во 2013 и 2016 година“.

„Врховниот суд го разгледа предметот како и обично и заклучи дека нема пречки за екстрадиција“, рече тој.

Портпаролот на Министерството за правда одби да каже дали човекот е на списокот на луѓе кои Турција ги побара да ги екстрадира.

Шведските медиуми објавија дека маж е осуден во Турција на 14 години затвор за неколку случаи на измама со банкарски картички.

Осуденикот, кој од минатата година е во притвор во Шведска, вели дека бил погрешно осуден бидејќи го прифатил христијанството, одбил воена служба и има курдски корени.