Шведска ќе воведе банкарски данок
Шведска ги откри плановите за воведување нов банкарски данок за финансирање на идното зголемување на трошоците на одбраната на земјата од 2022 година, обновувајќи ги напорите за спротивставување на военото присуство на Русија во регионот на Балтичко Море.
Најавата на шведското министерство за финансии дојде веднаш откако воено неутралната северноевропска земја објави дека ќе ги зголеми своите трошоци за одбрана од еден отсто на 1,5 отсто до 2025 година.
Централнолевата коалициска влада на социјалдемократите и зелените во Шведска соопшти дека во петокот (30 август) тие се согласија со Центарот и либералните партии, кои ги поддржуваат во парламентот, да ги зголемат трошоците за одбрана за пет милијарди шведски круни (464 милиони евра) годишно од 2022 до 2025 година.
„Дополнителното издвојувањето (за одбрана) за 2022 година ќе биде финансирано со зголемување на даноците на финансискиот сектор од 2022 година“, рече шведскиот министер за финансии Магдалена Андерсон пред новинарите.
„Банките остваруваат големи профити секоја година и беа големи победници во намалувањето на корпоративните даноци во последниве години“, рече таа, но сепак не даде детали за тоа како ќе биде конструиран данокот.
Социјалдемократите во повеќе наврати ја покренаа идејата за банкарски данок од преземањето на власта во 2014 година. Во 2017 година тие ги ставија ваквите планови во мирување по широко распространетите критики за начинот на структурирање на данокот.
Андерсон ги повтори своите намери да воведе банкарски данок во пресрет на последните избори во 2018 година. Андерсон додаде дека новиот данок ќе ги опфати сите банки кои работат во Шведска без оглед каде имаат седиште.
Нордеа, најголемата банкарска група во нордискиот регион, неодамна го префрли седиштето од Стокхолм во Финска.
Здружението на банкари на Шведска го критикуваше планот велејќи дека банките веќе плаќаат високи такси за да ѝ се овозможи на државата да се справи со финансиските кризи.
„Времето е жално“, рече Ханс Линдберг, извршен директор на Шведската банкарска асоцијација, во изјавата.
Според Линдберг, планираниот банкарски данок „би ги напаѓал работните места и растот“ и нема да има „легитимна основа“.
„Не можеме да имаме даночен систем што резултира во произволно оданочување на одделните операции и сектори“, рече тој.
Во последните години Шведска ги зајакна своите вооружени сили и е загрижена за зголемувањето на тензиите со Русија во Балтичкиот Регион.
Односите меѓу Русија и нејзините нордиски соседи се заострија во март кога Норвешка и Финска ја обвинија Русија дека намерно ги нарушувала ГПС-сигналите за време на вежбите за обука предводени од НАТО во Високиот Север. Воените експерти сметаат дека не е случајно што најголемите вежби на НАТО по завршувањето на Студената војна се одржаа во Норвешка минатата година, во тесна соработка со другите скандинавски соседи.
Стокхолм ги зголеми и своите регионални одбранбени врски со Финска, Данска и Норвешка како одговор на промената во безбедносното опкружување по 2014 година.
Минатата година Шведска соопшти дека ќе го купи американскиот ракетен систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ за 930 милиони евра. (Еуроактив)