Шведска го напушта „шведскиот модел“


Со интензивирањето на вториот бран на коронавирусот во Европа, Швеѓаните полека се откажуваат од благи мерки, јавија локалните медиуми.

Шведска забрани собири на повеќе од осум лица, а премиерот на Шведска им порача на граѓаните да не одат во теретани и библиотеки, како и да не организираат вечери и забави.

Најновите податоци покажуваат дека Шведска, според бројот на жители, има поголем раст на новозаразени, хоспитализација и стапка на смртност од соседните земји, објави минатата недела „Фајненшл тајмс“.

Во последниве недели, во Шведска расте бројот на нови случаи на дневна основа.

И бројот на хоспитализирани пациенти е драматично зголемен: Во болниците има повеќе од 1.000 пациенти со Ковид-19, што е за 60 проценти повеќе од минатата недела, објави државната телевизија СВТ.

Стапката на смртност од коронавирусот во земјата денеска е една од највисоките во светот во однос на бројот на жители, пренесува „Бизнис Инсајдер“.