Швајцарски тајкун го купува Челси


Швајцарскиот бизнисмен Хансјоерг Вис разгледува понуда да го купи англискиот фудбалски клуб Челси од рускиот милијардер Роман Абрамович.

– Абрамович сега се обидува да ги продаде своите вили во Англија. Исто така, сака брзо да се „ослободи“ од Челси. Јас, заедно со уште тројца луѓе, во вторникот добив понуда да го купам Челси од Абрамович, изјави Вис за швајцарскиот весник „Блик“.

Швајцарскиот милијардер наведе дека ќе мора да почека четири до пет денови за да види како ќе се одвиваат работите.

– Абрамович во овој момент бара премногу. Челси му должи две милијарди фунти, но Челси ги нема тие пари, така што, тој што ќе го купи Челси ќе мора да му надомести на Абрамович, посочи Вис.

Тој додаде дека точната продажна цена на Челси сè уште не е дефинирана.

– Можам да се замислам на чело на Челси со своите партнери. Меѓутоа, прво морам внимателно да ги проучам општите услови. Тоа што уште сега можам да го кажам е дека сигурно нема да влезам сам во тој проект. Доколку го купам Челси, тоа ќе биде конзорциум од шест или седум инвеститори, рече Вис.

Актуелниот европски првак Челси во саботата мина во рацете на локална хуманитарна организација, откако Абрамович се повлече од клубот поради војната во Украина.