Швајцарија загуби на суд: Бараа познатото сирење да биде само нивно


Во средата, Генералниот суд на ЕУ го одби барањето на швајцарските производители на сирење под името „ементалер“ да биде одобрено во ЕУ само за нивните производи.

Судот на ЕУ на тој начин ја одби жалбата на швајцарското здружение Ементалер Швајцарија, се вели во соопштението.

Здружението сакало да обезбеди заштитен статус за своето сирење во ЕУ, така што само швајцарскиот „ементалер“ може да го користи тоа име, пренесува Јутарњи лист.

Доколку производот од сирење не доаѓа од Швајцарија, тогаш треба да се наведе и регионот на потекло, инсистираат од здружението.

Со цел да го обезбеди заштитениот статус, „Ементалер Швајцарија“ покрена правна постапка против Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (EUIPO).

Судот со седиште во Луксембург заклучил дека името „ементалер“ опишува вид сирење што е познато на јавноста, а не географското потекло и затоа не може да биде заштитено со заштитен знак.

Здружението сè уште може да поднесе жалба до Европскиот суд, највисоката судска инстанца во ЕУ, забележува агенцијата ДПА.