Швајцарија: Предложени нови мерки против екстремизмот

Владата на Швајцарија денеска предложи ново законодавство со цел да се спречи екстремистичко насилство, а овие нови мерки се дел од националниот план  усвоен во 2017 година.

Иако Швајцарија досега беше поштедена од смртоносни исламски екстремистички напади, кои ги погодија Германија, Франција и Белгија во последните години, внимателна е и следи стотици осомничени за екстремистички закани во рамки на националната програма за мониторинг на џихад.

Директорката на швајцарската Федерална полиција Николетe де ла Вале изјави дека со новиот закон можат да бидат засегнати десетици луѓе, доколку биде усвоен.

Според новите мерки, лицата за кои постои сомнеж дека имаат екстремистичко однесување, мора да бидат пријавени во полиција и можно е да им биде одземен пасошот, со цел да се спречи да патуваат во странство.

Лица кои се осомничени дека претставуваат закана и кои ги чека депортација, би можеле да бидат  притворени, а швајцарската полиција ќе добие нови овластувања, според кои би можела тајно да ги следи осомничените преку електронски помагала.