Швајцарија: Позитивен на КОВИД-19 испрати во карантин 300 гости на ноќен клуб


Речиси 300 гости и вработени во ноќен клуб во Цирих се сместени во десетдневен карантин, откако еден посетител беше тестиран позитивен на коронавирус и се покажа дека зарази други луѓе, јавија агенциите.

Според извештаите, човекот го посетил клубот на 21 јуни, а на 25 јуни се тестирал позитивен на КОВИД-19. Вирусот е пронајден и кај пет лица кои биле со него на излезот од клубот.

Како и други европски земји кои ги олабавија мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, и Швајцарија бележи повторно зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19, пренесе Хина.

Според швајцарското Министерство за здравство, бројот на нови инфекции се зголемуваше секој ден во текот на изминатата недела, од 18 нови случаи во понеделникот, на 69 во саботата.

На швајцарските ноќни клубови им беше дозволено да работат повторно овој месец, но со задолжително земање податоци од сите гости. Здравствените власти соопштија дека ќе мора да размислат за повторно затворање на клубовите во случај на нови инциденти со ширење на болеста.

Во Швајцарија досега се заразени 31.555 лица, а од КОВИД-19 починале 1.682.