Швајцарија: Четворица банкари на суд поради трансфер на пари на пријателот на Путин, челистот Ролдугин


Сергеј Ролдугин и Владимир Путин во 2009

 

Швајцарското обвинителство осомничи четворица банкари за недоволна ажурност во спроведувањето финансиски трансакции и помагање на рускиот виолончелист и пријател на Владимир Путин, Сергеј Ролдугин.

Според Ројтерс, чии новинари го прочитале обвинението, Русинот извршил големи трансфери на пари на сметки во швајцарските банки без соодветни проверки од страна на вработените.

Случајот ќе биде сослушан во Окружниот суд во Цирих на 8 март. Осомничените се швајцарски државјанин и тројца Руси кои работат во Цирих. Нивните имиња не се објавени.

Ролдугин се нарекува сопственик на две сметки во швајцарската филијала на Гаспромбанк, отворени во 2014 година. Според обвинителството, до 2016 година, кога сметките биле затворени, на нив стигнувле значителни средства од Русија. Обвинителството смета дека Ролдугин бил користен како покритие, а банкарите не вложиле соодветни напори да ги утврдат вистинските корисници на средствата.

„Добро е познато дека официјалниот приход на претседателот на Руската Федерација е само 100.000 франци и тој наводно не е богат. Но, всушност, тој има огромен имот со кој управуваат луѓе блиски до него“, се вели во обвинението.

Весникот „Тагес-Анцајгер“ објави дека околу 50 милиони швајцарски франци биле префрлени на сметките на Ролдугин.

Осомничените во случајот се изјаснуваат дека не се виновни. Обвинителот побара на секој од обвинетите да му се изрече условна казна од седум месеци.

Сергеј Ролдугин и Владимир Путин се познаваат уште од младоста, претседателот на Руската Федерација претходно го нарече виолончелистот свој пријател. Според Ролдугин, тој е кум на ќерката на Путин, Марија.

Ролдугин беше претставен во Панамските документи како сопственик на офшор компании низ кои поминаа милијарди долари. Новинарите го нарекоа музичарот „чувар“ на парите на Путин. Во 2022 година, по почетокот на целосна руска инвазија на Украина, американските власти воведоа санкции против Ролдугин.