Швајцарците го одбија предлогот на десницата за ограничување на имиграцијата од земјите на ЕУ

Швајцарските гласачи на денешниот референдум го отфрлија предлогот на десницата да се прекине со слободното движење на работници меѓу Швајцарија и земјите на ЕУ, јави ДПА.

Според првичните калкулации за резултатот од референдумот од страна на институтот „Gfs“, дури 62 проценти од Швајцарците гласале против предлогот поднесен од десничарската Народна партија (СВП), јави денеска радиото СРФ.

Маргината на грешка за првото броење се проценува на три проценти, што значи дека прифаќање на предлогот веќе не е можно.

Народната партија тврди дека досегашниот либерален однос на земјата годишно во просек привлекува 75.000 граѓани на ЕУ, што, пак, доведува до пренаселеност, зголемување на трошоците за домување и оптоварен систем на социјална помош.

Отфрлањето на предлогот беше  очекувано, ако се суди според анкетите спроведени пред гласањето, додава ДПА.

Речиси две третини од гласачите сметаат дека укинувањето на договорот меѓу Швајцарија и ЕУ за слободно движење ќе го зголеми недостигот на квалификувани работници и ќе го загрози богатството на Швајцарија, покажа неодамнешното истражување на институт „Gfs“ од Берн.

На денешниот референдум во земјата треба да бидат регулирани уште неколку други прашања, вклучувајќи го и воведувањето двонеделно отсуство за татковство, купување борбени авиони и олеснување на ограничувањата за стрелање волци, јави ДПА.