Шукова вели дека првата фаза од БТР системот во Скопје ќе биде пуштена за три години


Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вели дека проектот БРТ е единственото функционално и одржливо решение за решавање на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје.

„Сметам дека БРТ мора да се реализира прво, затоа што е брз и ефикасен систем; второ затоа што средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој; и трето затоа што претставува одржливо, еколошко и безбедно решение за транспорт во градот“, рече Шукова за Сител.

Таа додаде дека првата фаза од БРТ линијата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче и Аеродром е целосно подготвена за реализација.

„Мора да му дадеме шанса на овој проект. Реалната проценка е дека првата линија може да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот,“ нагласи Шукова.

Таа рече дека Скопје мора да понуди повеќе можности за младите, но и за сите генерации преку дискотеки, културни и музички настани, и центри за забава. Шукова најави дека еден од клучните проекти во нејзината програма е изградба на современ конгресен центар, кој ќе биде домаќин на културни, спортски и музички настани, какви што во моментов нема каде да се одржуваат во градот.

„Овој конгресен центар ќе понуди и простор со повеќе дискотеки и кафетерии, но нема да се наоѓа во централното градско подрачје туку ќе биде во близина на Скопје, со цел да се избегне дополнителен метеж во градското јадро“, објасни Шукова.