Шукова со три итни мерки за Вардариште: 24 часовен надзор, оградување и забрана за влез


 

 

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, денеска одржа прес-конференција пред депонијата Вардариште, нагласувајќи дека над 150.000 жители од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се изложени на чад и загадување, се наведува во соопштението од кандидатка за градоначалничка на Град Скопје Каја Шукова.

„Екоцидот во Вардариште мора да запре веднаш. Моето прво и најитно решение е воведување на 24-часовен надзор, целосно оградување на депонијата и забрана за влез на сите лица освен вработените од ‘Комунална хигиена’, за да престане палењето на отпад и да се заштити здравјето на граѓаните,“ рече Шукова.

Таа нагласи дека ова е интервентна мерка, која е неопходна пред да се премине кон долгорочни системски решенија, како изградба на нова претоварна станица, обновување на механизацијата и воведување на задолжителна селекција на отпадот.

„Скопје не смее да биде жртва на политички игри и празни ветувања. Вардариште мора да се заштити веднаш, а граѓаните да дишат чист воздух,“ додаде Шукова.

Таа понуди и реално и рационално решение кое ќе го заштити Скопје и ќе стави крај на труењето во пет чекори:

1. Прво, интервентна мерка: веднаш оградување и обезбедување на Вардариште со 24 часовна физичка контрола и пристап само за вработените од „Комунална хигиена“, за да престане палењето на отпад. Тоа треба одма да се направи.

2. Современ проект – изградба на нова претоварна станица по сите стандарди и санација на веќе контаминираната локација.

3. Системско управување – целосен тек на отпадот, од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција како единствена разумна алтернатива.

4. Обнова на механизацијата – целосна замена на амортизираната и нефункционална механизација за собирање и транспорт на отпад.

5. Постојана контрола, надзор и мониторинг за обезбедување на највисоки стандарди.