План на Шукова: Архитекти и експерти ќе бидат на чело на ревитализирањерто на Скопје


 

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, најави дека ревитализацијата на главниот град ќе ја предводат архитекти и експертската јавност, а новиот Генерален урбанистички план ќе биде донесен уште во првата година од нејзиниот мандат.

„Ноторен факт е дека сликата за Скопје е урбан хаос, непланско и нестандардизирано градење и отсуство на креативни и функционални решенија за секое клучно прашање во Градот,“ истакнува Шукова во објава на социјалните мрежи.

„Градот, кој по земјотресот се обновуваше согласно тогаш најмодерните архитектонски решенија, логично и со визија за неговиот раст, што во својата есенција го имаше хуманото живеење, здрава животна средина, автентичен стил и култура поставени со урбанистичко решение на големиот Кензо Танге, денес наликува на бетонска џунгла која се зголемува и шири без никаков план, стил и емпатија. Сето ова е резултат од криминалното работење на локалната власт раководена од ВМРО- ДПМНЕ и нивната, како што велеа најуспешна менаџерка – хаос, непланска и агресивна урбанизација“, напиша Шукова на социјалните мрежи.

Наместо урбана метропола, Скопје е заложник на бизнис зделки, а истото го нуди и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој е продолжена рака на Данела Арсовска, пишува Шукова. Таа смета дека молчењето на Ѓоргиевски за урбанистичкиот хаос е само негово ново продолжување.

„И наместо нивниот нов кандидат за градоначалник на Скопје Орце, да го осуди урбаното дивеење низ Скопје, тој молчи, а молчењето значи поддршка. И молчењето значи дека Орце ќе биде само новото продолжение на Данела Арсовска, режирано од истиот партиски центар на моќ и воден од истите тесно-партиски пориви. Плановите за урбан развој на Скопје, кој би ги понудил Орце никако нема да се разликуваат од реалноста која ја живееме изминатите четири години. А тоа Скопје веќе не може да го издржи!“, напиша Шукова.

Таа вели дека уште на почетокот на нејзиниот мандат ќе ја заживее идејата за Фондација развоен институт Скопје, ентитет што ќе ја организира активната соработка меѓу градот, академската и стручна заедница, граѓанските здруженија и сите засегнати актери на екосистемот. Таа ќе има за цел да воспостави нови практики за правилен системски развој на градот и неговата трансформација во одржлив, зелен, економски, културен и урбан центар. Тој процес ќе биде основа за носење на новиот ГУП пред крајот на првата година од мојот мандат“, најави Шукова.