Шукова: Не смееме да ги заборавиме тие кои се бореа за нашата држава, но и дека треба да градиме нова иднина кон ЕУ


Каја Шукова

 Не смееме да ги заборавиме тие кои се бореа за нашата држава, но и дека треба да градиме нова иднина, истакна во изјава за медиумите потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова по положувањето цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто во Плоштадот „Македонија“.

-Во Скопје денеска бевме тука да се поклониме за оние коишто се бореа за нашата држава и тоа не смееме никогаш да го заборавиме. Меѓутоа, не смееме да заборавиме и дека треба да одиме напред, дека треба да градиме нова иднина за оваа држава и тоа треба да го направиме сите заедно, рече таа. 

Шукова потенцира дека ваквите денови ни покажуваат дека само со заедништво можеме да одиме напред.

-Ваквите денови ни покажуваат дека само со заедништво можеме да одиме напред и само со заеднички напори на сите чинители во општеството, почнувајќи од обичниот граѓанин па до сите оние кои се должни оваа држава да функционира. Впрочем и Градот Скопје да ни функционира. Честитки до сите граѓани. Да одиме напред и да се движи оваа држава во оној правец во кој што сите посакуваме – кон Европската унија, рече Шукова која е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.

Потпретседателката на СДСМ, Шукова, ја предводеше партиската делегација во состав Маја Мојсова Мијовска и Оливера Ливриниќ која положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев, пред Собрание, пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто во центарот на градот. 

Делегација предводена од претседателот на партијата Венко Филипче е на одбелешувањето на празникот во Крушево, каде се одржува централната манифестација по повод Илинден – 2 Август – Денота на Републиката.