Шукова: Најдоцна до јануари ќе биде распишан тендерот за изградба на централна депонија во Свети Николе


Во финална фаза е подготовката на тендерското досие за изградба на централна депонија во Свети Николе и претоварните станици за истокот и североистокот, потврди денеска министерката за животна средина и просторно планирање Kaja Шукова. 

– Очекуваме до крајот на годината или најдоцна во јануари да биде распишан тендерот за изградба на централна депонија во Свети Николе и претоварните станици. Станува збор за финансиски пакет од околу 40-ина милиони евра само за исток и североисток којшто опфаќа набавка на опрема што ја набавивме пред три години, канти, контејнери и возила, рече Шукова во одговор на прашање при денешната посета на Кочани.

Финансискиот пакет, како што кажа, предвидува и затворање на општинските депонии. 

-Првиот Лот, односно првиот тендер е во фаза на имплементација, дел од депониите почнаа да се затвораат и се пренасочува отпадот од помалите депонии во моментот кон поголемите се до нивно затворање. Финалното е изградбата на централната станица во Свети Николе и претвораните станици од коишто ќе се носи отпадот во Свети Николе, појасни Шукова. 

Ова, нагласи, е прв посериозен проект за управување со отпад во државата.

– Тука не застануваме, продолжуваме и со другите региони со новиот заем од Европска банка за обнова и развој којшто ќе опфати уште пет региони во државата, потенцира Шукова.