Шукова го повикува Ѓеорѓиевски на соочување за Вардариште


 

Депонијата Вардариште стана важен дел од битката за градоначалник на Скопје, затоа што чадот што доаѓа оттаму силно загадува повеќе населби.

Каја Шукова, кандидатка за градоначалник на Скопје на СДСМ го повика нејзиниот противкандидат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на јавен дуел пред граѓаните за да ги соочат аргументите за тоа што се случува во вардариште и какво решение да се најде за депонијата.

„Доста беше бегање од одговорност. Доста беше глумење на ВМРО-ДПМНЕ за да ја покријат сопствената нестручност и да ја лажат јавноста дека градоначалниците немаат надлежност за екоцитот Вардариште. 

Законот е јасен – отпадот е локална надлежност! ВМРО-ДПМНЕ четири години ја игнорираа својата обврска да го решат овој проблем“

Таа цитираше делови од законот: Градоначалниците се директно одговорни за уУправување со комуналниот и комерцијалниот отпад; јавната чистота и расчистување на напуштен отпад; донесување мерки и акти за селекција, транспорт и контрола на отпадот; задолжителна соработка со други општини и Градот Скопје.

„Граѓаните имаат право да знаат зошто Вардариште денес изгледа како црна еколошка дупка. Наместо претоварна станица, таму имаме отворена депонија и чести пожари. Тоа е директен резултат на неработата на градот, односно на неспособноста на ВМРО ДПМНЕ и нивната Данела Арсовска“, рече Шукова на прес-конференција. Шукова нагласи дека таа и СДСМ знаеле како да го решат Вардариште, повторувајќи ги идеите од последните денови.

На крајот додаде:

„Го повикувам Орце Ѓоргиевски на јавен дуел пред граѓаните. Нека ги донесе сите негови ‘аргументи’ дека од Вардариште ќе направи парк. Јас ќе ги донесам фактите, законите и резултатите. Граѓаните ќе судат кој има решение, а кој има само празни ветувања и пропаганда“.