Штрајкот на СОНК продолжува и утре, регистрирани притисоци во градинки

СОНК тврди дека воспитувачки и негувателки од повеќе градинки во државава добивале притисоци да го прекинат штрајкот


Фото: Б. Грданоски

Сериозен притисок за прекин на штрајкот во неколку детски градинки во Скопје и во внатрешноста, нотира СОНК, при што најавија дека ќе поднесат кривични пријави.

Од СОНК алармираат дека на првиот ден од штрајкот во образованието, воспитувачки од градинките во Општина Центар, во градинката „Орце Николов“ во Карпош, како и негувателки и воспитувачки во повеќе градинки во Општините Валандово и Гевгелија добивале притисоци да го прекинат штрајкот и да се вратат на работните обврски за да ги згрижат децата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека членови на синдикатот вработени во градинките пријавиле оти им бил вршен притисок да го прекинат штрајкот. Тој најави дека ќе поднесат и кривични пријави онаму каде што имало сериозни притисоци.

„Никој не се поколебал, штрајкот трае секаде. Имаме и документација од една градинка во Битола, каде се бараат списоци и други активности кои се во спротивност со правилата за штрајкување, па постои основа за кривична пријава. Ние не би сакале кон ниту еден директор или некој од надвор кој врши притисок да поднесуваме кривични пријави, но во 21 век нема да дозволиме на некој да му се крати правото на изразување на протест поради незадоволство“, реќе Неделков.

Тој очекува во текот на утрешниот ден да седнат на маса со надлежните и да најдат заедничко решение, а подготвен е и денеска да оди на разговори, за кои се надева дека ќе вродат со плод.

Најави дека штрајкот продолжува и утре. Појасни дека ни едно дете не е оставено незгрижено. Дека во градинките се носат повеќе деца, а во училиштето, мал е бројот на оние кои дошле, но сите се примени и згрижени.

Освен ова, проблем имало и со работното време на штрајкување зашто се толкува Законот за работни односи, но овие се посебни дејности, рече Неделков, и вработените не се обврзани да бидат на работа по осум часа.

-Во најмала рака,  треба да договорат со директорите и градоначалниците да се штрајкува онолку колку што биле и смените во училиштата. Инсистирањето да се штрајкува осум часа е непродуктивно и се прават дополнителни трошоци во установата. Дополнително, за колегите кои се во рамазански пости е и  нехумано од втората смена да се враќаат дури во 7 или во 8 часот кога е почната вечерата. Сѐ ова оди во правец на реваншизам, вршење притисок и уцени врз оние кои штрајкуваат да прекинат со штрајкот. Но, колегите со тоа сигурно нема да се поколебаат. Напротив, мотивот да истраат и да бидат во штрајк е уште поголем и од таа причина мора да се најде заедничко решение и заеднички јазик со штрајкувачкиот одбор, рече Неделков.

Штрајкот ќе продолжи и утре зашто дури и вечерва да има средба со претставници од Владата и да има согласност, рече претседателот на СОНК, ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуално прекин на штрајкот или одбивање на предлогот.