Штрајк на железничарите во Италија – Салвини: Нема да толерирам непристојни сцени


Италијанскиот вицепремиер и министер за транспорт, Матео Салвини, изјави дека никогаш повеќе нема да толерира „непристојни сцени“ какви што се видени денес, кои доведоа до откажување или доцнење на возовите.

Осумчасовен штрајк на железничарите беше распишан по сударот на воз и камион на ниво на премин во Калабрија, во кој загинаа кондуктерот и камионџијата, а за вечерва е најавен уште еден 24-часовен штрајк.

„Имаше непристојни и неприфатливи сцени на италијанските станици“, рече Салвини, коментирајќи го штрајкот, кој, како што пренесува Анса, доведе до одложувања, откажувања на возови и долги колони на „огорчени граѓани“.

Салвини рече дека, од почит кон загинатите во несреќата во Калабрија, „не интервениравме“, но дека „денес е уште поочигледно дека штрајковите кои траат премногу часови имаат големо влијание врз животите на премногу невини граѓани“.

„Сметам дека е неподносливо“, рече Салвини и рече дека има намера да направи се што може за да спречи вакви сцени да се повторат. Анса претходно објави, повикувајќи се на извори од железницата, дека штрајкот ги погодил сите регионални возови.