Што значи за ВМРО-ДПМНЕ протерувањето на Орбан од ЕПП?
Со излегувањето на ФИДЕС од парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент ВМРО-ДПМНЕ ја губи најблиската врска со структурите во ЕУ кои се фактори на одлучување во Брисел. Дали Мицкоски сега ќе му испрати писмо за поддршка на Манфред Вебер или слично писмо на Виктор Орбан
Љупчо Поповски
Средата беше лош ден за раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во еден неочекуван блиц-криг Зоран Заев ги растресе опозициските карти и ги порази ривалите во гласањето за доверба на Владата (тој развој на настаните се случи дури и побрзо отколку на филмска лента). Втората лоша вест стигна од Брисел, каде клучниот пријател на ВМРО-ДПМНЕ, унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја извести парламентарната група на Европската народна партија (ЕПП) дека неговата партија Фидес си заминува од неа пред да биде и официјално протерана на состанокот закажан за неколку часа подоцна.
Настаните во ЕПП имаат влијание во Македонија преку концентричните кругови што ги шири Орбан во регионот. Неговата долга рака се чувствува особено овде. Не само поради тоа што Орбан преку државните разузнавачки структури го извлече и го пренесе Никола Груевски во Будимпешта, туку и поради тоа што цела медиумска архитектура овде е изградена со помош на блиски луѓе до унгарските власти. Тоа, веројатно, и понатаму ќе остане, но ВМРО-ДПМНЕ сега е поставено пред дилемата како да ги продолжи односите со Орбан, кон кого Христијан Мицкоски, како што вели, има голем почит и „се гордее што е негов пријател“.
Фидес уште не е официјално исклучена од ЕПП, нејзиното членство во десничарската групација е замрзнато од март 2019 година. Оттогаш наваму претставниците на Фидес не можат да дискутираат ниту да гласаат во органите и форумите на ЕПП. Клучниот вентил за нив беше парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент, каде што беа рамноправни членови. Сега тоа го нема. А преку тоа ќе ја нема и најблиската врска на ВМРО-ДПМНЕ со структурите во ЕУ кои се фактори на одлучување во Брисел.
Кога во средината на јануари Мицкоски и Александар Николоски беа во Будимпешта на средби со Орбан и шефот на дипломатијата Петер Сијарто (потоа и во Љубљана и во Загреб) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа го објави како дипломатска офанзива. Последниве години тој секогаш ги посетува истите луѓе од земјите на ЕУ. По разговорите со Орбан Мицкоски изјави: „Ги продолживме разговорите за внатрешните случувања во рамките на ЕПП, се согласивме и го поздравивме изборот на новиот претседател на нашата сестринска партија ЦДУ во Германија и очекуваме плодна заедничка работа помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ, Фидес и ЦДУ“. Сега од трите сестри останаа само две, затоа што ФИДЕС фактички веќе не е во ЕПП.
Од настаните во „семејната драма“ во ЕПП ВМРО-ДПМНЕ би требало да извлече одредени заклучоци и да размисли како и каде ова раководство ќе ги јакне врските. Фактите се интересни: во групата на ЕПП во Европскиот парламент дури 148 членови гласаа за промена на правилата, со кои ќе се овозможи побрзо исклучување на некои кои ги кршат начелата на ЕПП, а само 28 беа против. Каква е структурата на оние кои гласаа против? Сите тие беа стари пријатели на Орбан: покрај претставниците на Фидес против биле по неколкумина од Бугарија и Романија, потоа тројца од Словенија и шестмина од Австрија (освен главниот двигател за исклучувањето Отмар Карас). Поедноставно, во кампот на Орбан останаа само двајца премиери, Јанез Јанша од Словенија и Себастијан Курц од Австрија.
Писмото што Орбан го испрати во неделата до шефот на групата, Германецот Манфред Вебер, во кое тој се закани со излегување, беше капката што ја прели чашата. Неговиот заменик во групата, Естебан Гонзалес Понс, писмото го осуди со овие зборови: „Дали ние сме господари на нашите одлуки или не? Второ: дали тој е способен да нѐ подели нас или не? Трето: Дали ние сме централна десница, умерена и проевропска партија или веќе не сме?“
Тие прашања се совршено важни и за ВМРО-ДПМНЕ. Партијата сега треба да одлучи по кој пат ќе сака да оди. Дали ќе се наклони кон зборовите на унгарскиот министер Сијарто со кои жестоко го нападна Манфред Вебер и го обвини дека наместо да организирал снабдување со вакцини тој бил зафатен со „организирање смена на најуспешната членка на ЕПП и смислување бирократски трикови за постигнување на оваа цел. Затоа, Вебер треба да се срами од себеси“. Или раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба многу скоро да му се јави на Вебер и да му каже дека ја поддржуваат одлуката на групата, оти ЕПП е дом на умерената и проевропска централна десница. Тоа не се мали дилеми, особено кога се знае дека Груевски го има гостопримството на Орбан во Будимпешта и дека прашањето за неговото бегство во некое идно време може да биде покренато токму од ЕПП.
Двете други поголеми групации во ЕП кои се претставници на националистичката и крајната десница – Европските конзервативци и реформисти, и Идентитет и демократија – би сакале да ја видат партијата на Орбан во нивните редови. Во првата доминантен глас се владејачките националисти во Полска на Јарослав Качињски, а во втората радикалните десничари на Матео Салвини и Марин Лепен. Тешко е да се верува дека ВМРО-ДПМНЕ би можело да го следи можното пребегнување на Орбан во една од овие групи, но дилемата што може да ја постави „големиот пријател“ не би требало да се исклучи.
И најпосле, со ова протерување на Фидес, слабее и местото на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Иако Мицкоски и другите околу него постојано повторуваат дека Вархеи е член на Фидес и затоа ѝ помагал на Македонија, тоа не е точно. Вархеи е многу близок до партијата Фидес, но официјално не е нејзин член. Доколку Вархеи сега го истакне токму тој факт – дека не е член на Фидес, можеби ќе зачува голем дел од влијанието во колеџот на комесари и да ја работи работата за која е назначен. Доколку остане приврзаник на одлуките на Орбан, работата на Вархеи ќе биде сериозно ослабната и неговиот глас во Европската комисија нема да биде толку важен. А од тоа најмногу штета ќе имаат земјите од Западен Балкан, особено Македонија поради уцените на Бугарија. И проширувањето ќе биде поместено на уште еден колосек понастрана.