Што зборуваше Путин во Хаг за важноста на Меѓународниот кривичен суд (Видео)


Од посетата на Владимир Путин на МКС во 2005

 

На 2 ноември 2005 година рускиот претседател Владимир Путин беше во Хаг каде се обрати во Меѓународниот суд на правдата за да го нагласи неговото извонредно значење за светскиот мир и спречувањето на конфликти. Во своето обраќање Путин рече дека овој суд „придонесува за воспоставување меѓународна правда“. Покрај тоа, според Путин, меѓународниот трибунал „дава огромен придонес за избегнување меѓународни конфликти“.

„Самиот факт на постоењето на Меѓународниот суд на правдата во системот на ОН е најважниот услов за стабилноста и легитимноста на оваа организација“, рече Путин.

Путин тогаш објави и дека Руската Федерација го поддржува зајакнувањето на улогата на Меѓународниот суд на правдата и обврските на државите да ги решаваат своите спорови со мирни средства преку Хаг.

Во тогашното официјално соопштение на Кремљ за таа посета стои:

„Отворајќи ја седницата на судот, одржана по повод посетата на Путин, претседателот на Меѓународниот суд на правдата, Ши Џиујонг, одржа говор за улогата на судот во системот на меѓународното право. Говорот посвети значително место на придонесот на руската правна школа во теоријата и практиката на меѓународното право и односи.

Потоа Путин се обрати пред судот.

По седницата, Путин направи кратка посета на Палатата на мирот, историската зграда во која се наоѓа судот“.

Осумнаесет години подоцна истиот тој суд, чие место во светскиот правен и политички систем го фалеше рускиот претседател, издаде потерница за Путин поради депортацијата на украинските деца во Русија. Официјалните руски лица со многу гнев го отфрлија овој налог, нарекувајќи ја одлуката „безобразна“, дека е „тоалет хартија“, дека Русија го нема потпишано Римскиот статут и не го признава судот. 

Во кусото видео подолу погледнете колку ја фали Путин работата на Меѓународниот кривичен суд.