Што содржи охридскиот договор на Србија и Косово?

ЕУ во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција за инвестиции и финансиска помош за Косово и Србија која ќе им биде дадена кога Договорот целосно ќе се имплементира.


 Белградска Н1  го објави „Анексот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, договорен по маратонските разговори во Охрид, јави дописнкиот на МИА од Белград.

Текстот го пренесуваме во целост:

Дијалог меѓу Белград и Приштина: Анекс за спроведување на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија

– Овој Анекс е составен дел на Договорот.

– Косово и Србија целосно се обврзуваат да ги почитуваат сите членови од Договорот и овој Анекс и да ги спроведат сите свои обврски кои произлегуваат од Договорот и од овој Анекс брзо и со добра волја.

– Страните забележуваат дека Договорот и Анексот за имплементација ќе станат составен дел на соодветните процеси за пристапување на Косово и Србија во ЕУ. Страните забележуваат дека веднаш по усвојувањето на Договорот и овој Анекс, посредникот на ЕУ ќе започне процес на промена на критериумите за Поглавјето 35 за Србија поради обврските кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс. Агендата на Косовската специјална група за нормализација подеднакво ќе ги одразува новите обврски на Косово кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс.

– Страните се согласуваат итно да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ.

– За да се примени членот 7, Косово веднаш иницира преговори во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ за воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за обезбедување соодветно ниво на самоуправа за српската заедница на Косово, во согласност со релевантните претходни договори за дијалог кои се утврдени од посредникот на ЕУ.

– Страните се согласни во рок од 30 дена да формираат Заеднички одбор за следење, со кој претседава ЕУ. Спроведувањето на сите одредби ќе биде обезбедено и надгледувано од Заедничкиот одбор за следење.

– За да се имплементира членот 9, ЕУ во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција со цел да се воспостави пакет за инвестиции и финансиска помош за Косово и Србија. Помошта нема да биде доделена пред ЕУ да утврди дека сите одредби од Договорот се целосно имплементирани.

– Косово и Србија се согласуваат дека ќе ги спроведуваат сите точки независно една од друга.

– Редоследот на ставовите од овој Анекс не го доведува во прашање редоследот на нивното спроведување.

– Косово и Србија се согласуваат дека нема да ја блокираат примената на ниту еден член (точка).

– Сите дискусии поврзани со спроведувањето на Договорот ќе се одвиваат во рамките на Дијалогот што го води ЕУ.

– Косово и Србија примија на знаење дека секое неисполнување на нивните обврски од Договорот, овој Анекс или претходните договори за дијалог може да има директни негативни последици за нивните процеси за пристапување во ЕУ и за финансиската помош што ја добиваат од ЕУ. 

Косовскиот лисер по крајот на преговорите рече дека постигнале всушност  јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор.

-Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки, изјави  Курти по повеќечасовната средба во Охрид. 

Во изјава за медиумите, Курти рече дека дошол во Охрид со намера да го потпише основниот договор со анекс, но дека српската страна и овојпат избегнувала негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари. Според Курти, основниот договор де факто значи взаемно признавање на двете страни

Прашан дали ќе почне враќањето на Србите на Косово, Курти рече дека се залага за правата на сите граѓани на Косово.

– Тоа значи дека се залагам и за оние кои сакаат да се вратат. Повеќе од нив веќе ги имаат продадено имотите, но има и такви кои имаат имоти на Косово и се залгам за правата на сите тие луѓе без разлика на нивната припадност, рече Курти. 

Фото: Б. Грданоски

Одговарајќи на новинарски прашања за исчезнатите лица, Курти рече дека ќе се залага максимално да се открие нивната судбина и да се обезбеди правдата за нив.

Што се однесува до изборите на Косово, Курти истакна дека за нив не е разговарано, бидејќи тоа се внатрешни работи на Косово.

Ќе ги донесеме сите одлуки кои се неопходни за што подобро да се организираат изборите. Жал ми е што на 5 ноември лани Белград нареди пратениците на Српската листа и повеќе од 400 полицајци на северот на Косово да поднесат колективна оставка. Мислам дека тоа беше грешка, рече Курти.