Што си кажаа министрите Муцунски и Георгиев во Минхен

Муцунски изразил жалење што односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, Георгиев, пак рекол дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, Сојузна Република Германија, се сретна со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев. Ова е прва ваква средба на министрите за надворешни работи, откаоо неодамна во Бугарија по долг период поолитичка криза, беше формирана политичка влада. 

Од македонското МНР по средбата соопштија дека меѓу темите за кои денеска разговарале министтрите Муцунски и Георгиев, биле билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија.

„Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес. Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. 

 

Министерот Муцунски на средбата го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласил потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), се вели во соопштението на македонскот МНР. 

Бугарските медиуми акцентот го ставаат на пораките од Георгиев, кој пак, како што пренесува бугарски Труд, му порачал на Муцунски дека „добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на европската интеграција и без нив не е возможно да се постигне членство во ЕУ“.

„Градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и спроведување на обврските“, рекол Георгиев. според прес-центарот на бугарското МНР.

Бугарскиот прв дипломат истакнал дека ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен.

„Европскиот компромис од 2022 година вклучува комплекс на мерки и нивното целосно спроведување е единствениот пат напред. Вклучувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чие спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Георгиев бил категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ, пренесуваат бугарските медиуми.

Инаку, во пресрет на оваа прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата Влада во Софија, Муцунски во изјава за МТВ истакна дека за надминување на предизвикот со Бугарија е потребен дијалог во позитивен дух за прашања кои не обединуваат. 

„Ние треба како соседи да разговараме од гледна точка на духот на добрата верба, да зборуваме за прашања кои не обединуваат, да престанеме да создаваме поделби и да престанеме да создаваме омраза. Логичниот и очигледниот начин како ќе се движиме напред со позитивна енергија и позитивен дух, е доколку се тргнат сите бариери коишто не содејствуваат со европските вредности. Затоа, не е прашањето дали во текот на утрешниот ден ќе се решат сите предизвици, верувам дека нема да се решат. За некои предизвици е потребно и време, потребни се разговори, потребен е дијалог, но сметам дека е можност за позитивен исчекор“, изјави министерот Муцунски.

Премиерот Мицкоски минатата недела истакна дека очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада за одблокирање на евроинтегративниот пат на државава.

„Што се однесува до средби, ние и веќе имавме средби во минатото со највисокото бугарско раководство со тогашниот нивен технички премиер. Очекувам во периодот што следи на различно ниво да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да не изненади. Нити ние ќе исчезнеме, нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи“, изјави Мицкоски.

Муцунски е дел од Делегацијата што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.