Што се случува во Македонија? Кошмарот на претепаната Сара од Охрид премина уште една граница
Како од некоја мафијашка пресметка или трилер таткото и тепачот Кристијан Корабоски ја исфрлиле претепаната Сара пред еден маркет
Новото брутално насилство врз жена, од нејзиниот партнер, во Охрид, предизвика уште една бура во македонската јавност од синоќа, кога беше информирано дека 31-годишен маж, претепал девојка, која паднала во бесознание, а тој ја исфрлил од автомобилот пред некој маркет.
Девојката е пренесена во болница, а тој е на слобода. Сепак, за драмата да биде уште поневеројатна, во притвор е таткото на девојката, кој откако разбрал што се случило, се заканил кон родителите на насилникот дека ќе им врати. Мајката на насилникот пак, вели дека ќе го тужи – заради закани.
Дополнително, случајот добива на тежина, со сознанието дека мајката е поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Љубинка Корабоска, а неговиот татко бил инспектор во УЈП, и двајцата блики до ВМРО-ДПМНЕ, а според некои информации и донатори на истата партија. Корабоска беше дел од составот на Антикорупциската комисија избран во 2011 година, а во април 2012 година избрана за претседателка на ова тело.
Таткото на претепаната девојка Сара Ѓоргиевска од Охрид, од вчера напладне се наоѓа во полициска станица, откако на семејството на осомничениот му испратил порака дека „ќе им вратат“. Во меѓувреме, осомничениот за нападот, Кристијан Корабоски, бил пуштен од полициската станица, тврди братот на Сара, Димитар Ѓоргиевски, јавува „Слободен печат“.
Според некои информации, Сара била тепана од Кристијан, затоа што вечерта кога биле излезени во дискотека тој бил пијан, но Сара не се чувствувала пријатно покрај него и му рекла да престане да пие.
Мајката на Сара појаснува што се случувало
Мајката на Сара, на социјалните мрежи го сподели сведоштвото за тепањето од нејзината ќера. Ирена Ѓорѓиеска вели дека осомничениот бил пуштен на слобода, што дополнително го вознемирило семејството. Таа во објавата посочува дека тој претходно се фалел со влијанието и познанствата на неговите родители, па бил комотен дека сѐ може да се реши во негова корист.
„Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за ‘да средат’ сè“, наведува мајката во својата објава.
Мајката на Сара во своето јавно обраќање прашува дали политичките врски, влијателните родители и познанствата можат да бидат причина некој да се чувствува недопирлив.
„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува таа.
Она што се случувало ноќта, според Ирена, е многу вознеммирувачко. Имено, како што раскажала Сара, осомничениот, мислејќи дека таа е мртва по тепањето, побарал помош од својот татко за да се ослободи од нејзиното тело.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“, наведува мајката, пренесувајќи ги зборовите за кои тврди дека Сара ги слушнала додека била во беспомошна состојба.
Според неа, телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен за да не може да побара помош, а лицата од опкружувањето на осомничениот одбивале да ја однесат девојката во болница, иако таа барала медицинска помош.
Во објавата се изнесуваат и наводи дека осомничениот во еден момент побарал нож за да ја „докрајчи“, како и дека постоел обид за влијание врз медицинскиот извештај за повредите на девојката, односно да се минимизираат, за што со болничкиот персонал наводно контактирала тетката на осомничениот.
На крајот од објавата, Ѓорѓиеска бара надлежните институции темелно да го испитаат случајот и да утврдат дали имало обиди за прикривање на настанот или влијание врз постапката.
Братот на Сара, Димитар, пишува на социјалните мрежи дека сестра му минатата ноќ не можела да спие во болницата, но на членовите на семејството не им било дозволено да останат покрај неа. Како образложение, според него, од болницата им било кажано дека има многу вируси и дека посетите не се дозволени.
Семејството тврди дека постои и видеоснимка од моментот кога девојката била исфрлена од автомобилот, на која, според нив, е забележан целиот настан.
Тренерот Бобан Наумоски: „Девојчето на мрава не гази!“
Случајот е неверојатен, а по него се огласи и Бобан Наумоски, тренер од Охрид и бодибилдинг шампион, во чиј клуб тренирале и Сара и Кристијан.
„Лично ги познавам двајцата како наши членови во теретана. По десетина повици во текот на денешниот ден од секој некој кој е во неверување, исто како што сѐ уште сум јас, полека ми спласнува информацијата дека ова се вистина луѓето кои ги познавам и дека настанот е навистина случен, дека не е само лош сон…
За девојката има една поговорка со која може комплетно да се опише – на мравка не гази. Прибрана, културна, работлива и лепотица која се надевам ќе собере сила да остане иста после овој претрпен кошмар.
Скриениот психопат кој навидум делуваше како мирен, повлечен и културен дечко кој цел живот спортува, а последната година работеше и како персонален тренер низ Охрид покажа лице кое сите коишто го познаваа ги остави во шок и неверување.
Ни на крај памет не би го ставил во групата на потенцијални насилници врз понежната половина…. сѐ до денес.
Како татко на две девојчиња, особено ме вознемирува најновата информација дека наводно се товари само за телесна повреда, а не за обид за убиство. Доколку оваа информација е точна, сметам дека станува збор за исклучително сериозен проблем.
Не смееме да дозволиме општеството да дојде до точка во која татковците и браќата ќе помислуваат дека единствениот начин да ги заштитат своите ќерки и сестри е да ја земат правдата во свои раце.
Тоа би било уште еден пораз на институциите и на сите нас“.
Алка со аларм
Кога сме кај институциите, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски деновиве го прифати и присвои барањето на ЛДП, насилниците да добиваат алка, па штом се доближат до нивната жртва, таа да алармира. Ова се бара со цел да се намалат фемицидите и секојдневните насилства врз жените, токму од нивните сопрузи, татковци, партнери, односно од најблиските.
Во Собранието е поднесено ново законско решение за семејно насилство, со кое се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
„Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“, рече Тошковски.
Во законското решение е вклучена можноста за употреба на електронски алки за следење на осомничени лица и лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.
По овој случај, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, повика на одговорност.
„Да не ви паднало на памет да ги штитите! Итно да се постапи и да одговара за обид за убиство, а сите што му давале инструкции во неговата паника (согласно сведочењата неговиот татко и мислам беше тетка) да одговараат за помагање… Не ме интересира што функции имаат неговите, ниту од која партија се! Девојката можеше да заврши како следна жртва на фемицид“, пишува Зајкова во својата објава.
Последен фемицид во Македонија се случи неодамна во Боганци, каде момче уби малолетничка и се самоуби. По ова убиство, имаше протести во Богданци и во Скопје. (Н.В.)