Што се случува со податоците што ги објавува ДИК? Едни со други не се совпаѓаат

Главната мапа за бројот на обработените избирачки места...

Надвор од тоа што падна сајтот на Државната изборна комисија кога требаше да почне објавувањето на резултатите од изборите, многу нелогичности се појавија на страната на ДИК кога таа клонечно проработе околу 3 часот по полноќ. Но кога ќе ги отворате резултатите на ниво на држава и по изборни единици се појавуваат податоци кои никако не можат да се совпаднат.

… и мапата на Шестката. Погледнете ги бројките на обработените избирачки места

Прво, во 3,10 часот пишува дека биле обработени 3.459 избирачки места од вкупно 3.480 и дека СДСМ добил 36 отсто од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ 34,71 отсто. Тоа значи дека за обработка и внесување на податоците останале уште 21 избирачко место. Но потоа ако одите од изборна единица на изборна единица во истото време кога се внесувани податоците добивате комплетно други бројки. Така, на мапата за Изборната единица 6 пишува дека се обработени 425 од 474 избирачки места и врз основа на тоа се определуваат мандатите. Тоа значи дека само во ИЕ6 се необработени 49 избирачки места, а на главната мапа е наведена бројката дека вкупно остануваат уште 21 место.

Во другите пет изборни единици е наведено дека треба да се обработат уште 58 избирачки места и заедно со оние 49 од Шестката се работи вкупно за 107, а не 21 како што е наведено на главната мапа. Кои се вистинските бројки – оние на главната мапа или оние по изборните единици, затоа што преку нив се изведува и бројот на освоените мандати.

Кои податоци за Демир Хисар се точни. Овие…
… или овие

Уште еден пример. За резултатот во Демир Хисар. Кога отвораш преку десктоп покажува едни резултати, а преку мобилна апликација други. Претпоставено е дека оние преку вообичаен компјутер се точни, затоа што е нелогично ДУИ да има освоено 28 отсто од гласовите, Алијансата за Албанците 24,66, а дури потоа се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во општината која има занемарлива бројка етнички Албанци. Која верзија е точна?

ДИК направи извонредна работа при објавувањето на излезноста преку целиот ден на секои два часа, но при објавувањето на резултатите доживеа вистинска катастрофа, не само поради тоа што им беше хакиран сајтот, што не смееше да се случи за вакви многу чувствителни избори.