Што се случува со Ангела Меркел?


Времето очигледно не беше во прашање овој пат. Кога Ангела Меркел повторно почна да трепери во средата за време на воените почести за новиот фински премиер Анти Рине на звуците на германската национална химна, беше премногу студено за Берлин ова лето. Во средината на јуни, на инаугуративната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Меркел имаше ненадејно силно треперење кое беше објаснето со недостигот на вода во големата жештина. Но при назначувањето на новиот министер за правда Кристин Ламбрехт (СПД) во претседателската палата на крајот на јуни такво објаснување не можеше да се понуди. По третото јавно треперење за релативно кратко време на Меркел (која претстојната недела ќе наполни 65 години) ѝ се поставуваат повеќе прашања во врска со нејзиното здравје.

„Луѓето се загрижени за вашето здравје, видовме како треперат вашите раце, како сте?“ запраша еден фински новинар, откако Меркел на прес-конференцијата со Рине кажа неколку зборови за очекувањата од финското претседателство на ЕУ, се осврна на тешкотиите на среднорочното финансиско планирање и на проблемите со енергетската политика. „Јас сум во ред“, смируваше канцеларката. „Не сум целосно закрепната по случајот со претседателот Зеленски, но има напредок. Ќе морам уште некое време да живеам со овој проблем“. Се чини како Меркел да стравува дека третиот нема да биде и последниот напад од ваков вид кој го доживува во јавност.

На инсистирањето на новинарите да даде повеќе детали за својата здравствена состојба, Меркел директно рече: „Мислам дека треба да ја прифатите мојата изјава дека ми е добро“. Во обид да ги отфрли сомнежите во нејзината способност, таа дополни: „Убедена сум дека можам добро да работам“.

Значи, Меркел останува на своите претходни изјави за оваа тема. Јавниот интерес за нејзиното здравје директно не ја негира. Но во исто време покажува поголема склоност да се дискутира за можен здравствен проблем или дури и да се објават резултатите од лекарските прегледи.

На друго место, со работите се постапува поинаку, за што Меркел можеше да зборува со својот фински гостин. Тој се разболе од пневмонија во јануари и му беше дијагностицирана коронарна артериска болест за која Рине отворено зборува, а тоа од него го бара и финската јавност. Сепак, според искажувањето на Меркел, таа нема здравствен проблем за кој треба да известува. Тоа може да изгледа и иритирачки. „Верувам дека можам да се справам со ова“, изјави таа.

Всушност, треперењето, од лекарите наречено и тремор, може да има многу причини. Секој веројатно го знае тоа чувство кое обично е сосема надвор од контролата на засегнатото лице. Може да се случува во студено време или поради исцрпеност, може да биде знак за сериозна болест што се појавува или само силен сигнал дека и покрај тешките напори се прима малку течност. Тремор се развива кога мускулните групи наизменично контрахираат.

Постојат многубројни невролошки причини кои го ослабуваат телото. Болестите како Паркинсонова или мултиплекс склероза можат да бидат поврзани со неконтролирани движења на мускулите. Лековите можат да ја предизвикаат оваа физичка реакција, како и дисфункции на тироидната жлезда или дури и психосоматски состојби, како што се замор, стрес или анксиозност. Можните причини мора да бидат отстранети од страна на лекар преку интензивни прегледи и разговори со пациентот. Погледот на видеоклип во никој случај не е доволно. Кога се случува треперење, неговата брзина и силината на движењата, на искусен доктор, може да му ги дадат првите индиции.

Треперењето или дехидрацијата уште може да се санираат со ќебе или вода. Ако проблемите се невролошки, лековите можат да ги подобрат симптомите, пишува Зидојче цајтунг.

Канцеларката вчера седеше за време на химната

Германската канцеларка Ангела Меркел и данската премиерка Мете Фредериксен вчера седеа за време на интонирањето на химните во Берлин, еден ден после најновиот случај во кој беше забележано како трепери канцеларката.

Меркел вчера не покажа знаци на лошо здравје, но заедно со нејзината гостинка седеше пред зградата на владата во Берлин, што е невообичаено и против протоколот за време на вакви државни церемонии кога мора да се стои за време на интонирањето на химните.

Германската канцеларка изјави дека мора да се грижи за своето здравје откако трипати се тресеше на јавни настапи.

„Прво, можете да разберете дека сум свесна за одговорноста на мојата работа. Одговорно се однесувам кога моето здравје е во прашање“, одговори Меркел на новинарско прашање за нејзиното здравје на заедничката прес-конференција со Фредериксен.

Таа рече дека наредната недела ќе го прослави 65.роденден, шегувајќи се дека секој роденден ја потсетува дека е постара.

„И јас лично сум заинтересирана да бидам здрава и се грижам за своето здравје“, истакна Меркел.