Што сè може бесплатно да се види во Лондон


Главниот град на Англија е меѓу најскапите градови за живеење на Стариот Континент, но нуди многу туристички атракции кои може да ги посетите бесплатно. Лондон е еден од ретките градови каде што сите државни музеи, галерии и културни центри не наплаќаат влез за посетители. Може да ги погледнете сите постојани поставки во објектите од овој тип. Според последната листа направена во 2016 година, во Лондон има 250 институции од областа на културата кои се отворени за посетители.

Посетете го најголемиот скелет на диносаурус
Во текот на еден ден може да ги посетите Природоисторискиот музеј, „Викторија и Алберт“ и Научниот музеј, бидејќи сите три се наоѓаат еден до друг во Саут Кенсингтон. Доколку сакате да го видите најголемиот скелет на диносаурус, тогаш прво посетете го Природоисторискиот музеј. Освен огромниот скелет на диносаурус кој виси во огромниот хол на музејот, може да разгледате секаков вид препарирани животни и нивната еволуција. Самата зграда на овој музеј е фасцинантна и изгледа како уште еден експонат во постојаната изложба. Во дворот на музејот има огромен парк, кој граѓаните често го користат и за пикник.

Набљудувајте ја Месечината како да е до вас
Веднаш до него се наоѓа Научниот музеј, кој е всушност забава за цело семејство. Внатре се изложени сите планети, а најмногу од изложбите се посветени на Земјата и Месечината. Тука може да одберете и проекции на филмови во зависност од тоа што се нуди на програмата. Музејот е поделен по катови и секој кат е наменет за одредена возраст. Изобилува со многубројни интерактивни изложби за деца, како и филмови, симулации и виртуелна реалност. Истите активности се нудат и за возрасни посетители. Во овој музеј дел од активностите се наплаќаат. На пример, ако сакате да учествувате во виртуелна реалност со полетување од Земјата во вселената и назад, тоа ќе ве чини околу 5 фунти. Доколку одлучите да возите борбени авион, односно симулација, тоа ќе ве чини околу 4,5 фунти.

Половина свет на дофат
Следен музеј за посета е „Викторија и Алберт“, кој се наоѓа веднаш наспроти Научниот музеј. Таму ќе може да ги погледнете еволуциите на повеќе националности. На пример, развојот на модата и гардеробата низ векови во Јапонија или музички инструменти од Кина и Кореја. Може да ги гледате и неверојатните цртежи и везови на теписи од земјите од Блискиот Исток. Ова е само мал дел од постојаната поставка во музејот која бесплатно може да ја гледате со часови. Во средината на музејот има голема тераса со ресторан и бар, па често луѓето тука прават пауза, пијат кафе, сок, вода, па потоа ја продолжуваат обиколката низ музејот. Во овој музеј се прават и ексклузивни изложби за кои се доплаќа. На пример, во моментов актуелни се две модни изложби и тоа на Мари Кант и Кристијан Диор. Во „Викторија и Алберт“ на влезот може да земете слушалки, па како се доближувате до одредени експонати електронски водич ви раскажува што гледате во моментот.

Ловете ги графитите на Банкси
Ако имате среќа да се најдете во Лондон, не смеете да пропуштите да го посетите културниот центар „Барбикан“. Тоа е масивен комплекс во кој се наоѓа и Музејот на Лондон. На средината на „Барбикан“ е заштитена и една тврдина, односно ѕид кој сведочи за големиот пожар на градот, по кој Лондон повторно се раѓа како град. Тука стои и натпис дека всушност токму таму е создаден Лондон. Во рамките на „Барбикан“ има и две езерца, кои се одличен поглед ако сакате да пиете кафе. А веднаш зад нив се издигнува огромната кула на Шекспир. Во овој комплекс има и станбена зграда во која живеат луѓе. Доколку, пак, сте љубител на улична уметност, „Барбикан“ е вистинско место за тоа. По самиот културен центар поминува тунел, кој е наменет за возила и пешаци. Таму може да видите две дела нацртани од легендарниот Банкси. И двата графита се заштитени со плексиглас. Градските власти на Лондон пред неколку години решија дека ќе ги заштитуваат цртежите на Банкси бидејќи многу од нив се отстранети поради реновирање на фасади или слични активности.

Направете си накит самите
Следната дестинација која е задолжителна е „Тејт модерн“. Неверојатна градба со прекрасна градина која се протега директно покрај Темза. „Тејт модерн“ е своевиден музеј за современа уметност, но претставува и точка каде што може да се сретнат различни уметници и да разменуваат креативни идеи. Внатре може да го посетите катчето за рачни изработки, па дури и вие да си направите некаков накит или украс. Се прикажуваат и филмски проекции, а редовно има по некоја ексклузивна изложба. Сега, актуелна е изложбата на футуристичкиот исландски уметник Олафур Елиасон. „Тејт модерн“ се состои всушност од две кули, едната е висока до петти кат, а другата има десет ката. Поврзани се со мост, па не е важно од кој влез ќе влезете и во секој момент може да го промените правецот на прошетка. На десеттиот кат има огромна галерија која дава неверојатен поглед кон градот. Таму често се пие и кафе и се ужива во убавините на Лондон.

Катедралата каде што Леди Ди му рече „да“ на Чарлс
Од „Тејт модерн“, ако решите да го поминете првиот мост преку Темза, ќе стигнете со катедралата „Сент Пол“. Освен неверојатната и масивна градба на катедралата, таа стана уште популарна откако во 1981 година таму се венчаа принцот Чарлс и Леди Дајана. Во катедралата влезот се плаќа и доколку сакате да влезете ќе мора да резервите билети претходно. Но доволно е величествена и само да ја набљудувате однадвор. И.Н.