Што се гледа од Месечината?
Она што може да се „види“ од вселената е дека упорното секојдневно инсистирање на Мицкоски за нови избори е директно поврзано најмногу со неговата политичка кариера
Љупчо Поповски
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, денеска, вторник 9 февруари, се обиде на ефектен начин да му даде даде поента на барањето на неговата партија, а најмногу негово лично, да се одржат нови предвремени избори – затоа што Владата по само 5,5 месеци немала легитимитет. „Шеретски кажано, од Месечината може да се видат две работи: Кинескиот ѕид и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори“.
Но, ниту едната ниту другата работа не можат да се видат од Месечината.
На страницата на американската вселенска агенција, НАСА, може да ја прочитате оваа изјава на Ален Бин, член на екипажот на „Аполо 12“:
„Единственото нешто што можете да го видите од Месечината е прекрасна сфера, претежно бела, малку сина и жолти дамки, и од време на време некоја зелена вегетација. Ниту еден вештачки објект не е видлив во оваа скала“, изјавил Бин.
Многу работи можат да се видат од вселената на Земјата кога некој вселенски брод е во долната орбита на Земјата. И тоа најмногу светлината на големите мегалополиси ноќе. Се разбира, и континентите, океаните и големите зелени појаси како Амазонската шума.
Дури тешко е и да се види и Кинескиот ѕид. Кинескиот астронаут Јајнг Ливеи, ги разочара многу неговите сонародници кога од вселенскиот брод изјави дека не може да ја види грандиозната историска структура на која е особено горда неговата земја. Некои зборуваа дека по таа изјава треба да се напишат одново учебниците во Кина.
Толку за вселената и географијата. Она што може да се „види“ од вселената е дека упорното секојдневно инсистирање на Мицкоски за нови избори е директно поврзано најмногу со неговата политичка кариера. За нови избори тој почна да зборува речиси веднаш по формирањето на оваа влада, обидувајќи се со постојан притисок и блокадите во Собранието да стигне до ултимативната цел – одржување на локалните и новите парламентарни избори во исто време. Така, со максимално мотивирање на членството на ВМРО-ДПМНЕ и на неговите поддржувачи да ја оствари зацртаната операција: евентуалниот успех да му овозможи да ја зачува лидерската позиција во партијата на конгресот што треба да се одржи месец или два подоцна.
Се разбира, тука нема ништо нелогично ниту неполитичко: едноставно, секој на такво место бира начин како може да капитализира одредена политичка можност.
Но денеска Христијан Мицкоски успеа да испушти од рака една добивка која мислеше дека може да ја капитализира. Долго време во интервјуата повторува дека неговата партија не живее надвор од реалниот свет и дека името Република Северна Македонија, колку и да не го сакаат, е факт кој не може да се промени. Па тогаш, зошто во дописот до претседателот на Собранието за граѓанската иницијатива за собирање потписи за поништување на Законот за попис не напишал дека државата се вика Република Северна Македонија.
Дали од Месечината може да се „види“ дека тој знаејќи за овој „проблем“ бил свесен дека оваа иницијатива доставена до Талат Џафери е осудена на пропаст. Може да нагаѓаме каква била калкулацијата: дека не може во законското време партијата да собере доволен број потписи (што е малку веројатно) или дека преку еден неуспешен политички обид да се претстави како брaнител на татковината „Република Македонија“. Мицкоски не мисли дека треба да ја поправи грешката во името на државата (како што ја пречкртал „Северна“ во одговорот на Џафери), туку највува дека на Централниот комитет на партијата ќе „му предложам да отпочнеме со собирање граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ“.
Можеби тоа и била првична цел – на патриотскиот браник да се истуркаат последните месеци до времето кога ќе почнат подготовките за конгресот и можните ривали да се елиминираат еден по еден. Затоа што изгледа сосем нелогично и политички аматерски во некаква евентуалност да стане премиер секоја одлука што би ја носела Владата или Собранието со името „Република Македонија“ во истиот момент да биде неважечка. Или во официјалната преписка со странски земји и организации. Или тогаш ќе дојде времето навистина да се каже дека „реалноста не може да се игнорира“.
Од Месечината може да се „види“ дека овој потег со иницијативата за поништување на Законот за попис (затоа што, наводно, пописот е „очигледен фалсификат“ уште пред да почне да се спроведува) го врати неколку чекори назад од она што партијата мислеше дека е новоосвоена територија. И ја смести ВМРО-ДПМНЕ во полето да се врти во круг по сопствен избор. Не еднаш се покажало дека тврдоглавоста во политиката и ниските хоризонти носат многу повеќе политичка штета отколку корист.