Што сакаат опозицијата и „дежурните критичари“ околу преговорите
Преговорите со ЕУ се алатка за одбрана на она што во директни преговори само со Бугарија тешко ќе може да се одбрани
Урсула фон дер Лајен ни кажа нам, на „драгите Македонци“ – како што ни се обрати, дека македонскиот јазик во ЕУ ќе се употребува без какви било додавки и објаснувања и дека историските прашања не се дел од рамката за преговори. А Жозеп Борел јасно кажа дека не само што ниту една нација не го изгубила својот идентитет на патот кон ЕУ, туку сите си го засилиле својот национален идентит и му додале нови, како европскиот. Но и покрај тоа, голем број домашни и светски критичари на политиката за проширување на ЕУ сметаат дека со последната рамка за преговари ѝ е направена неправда на Македонија и дека таа за членство во ЕУ ќе мора уште со некои отстапки да ја задоволи својата сосетка Бугарија.
Сите тие го сметаат тоа за лош потег и преседан од страна на ЕУ, но ниту еден од сериозните критичари не смета дека ова е резултат на недоволната вештина на преговарачите од македонска страна и дека заради тие неизвесности што ѝ претстојат на Македонија таа воопшто не требала да ја прифати во овие времиња и околности понудената рамка за преговори и да ги започне преговорите со одржување на првата меѓувладина конференција. Такви критики предлози и идеи доаѓаат само од домашната политичка сцена и домашните критичари и незадоволници. Поттекстот на таа критика е дека владата била неспособна да добие подобар предлог, дека таа била уценета од ЕУ уште еднаш по Преспанскиот договор да прифати нешто што може натаму да го загрозува македонскиот национален идентитет, дека работела само во интерес на Албанија на која ѝ се отвора патот за преговори со Унијата и дека отворено лаже оти почнуваме преговори бидејќи тие можат да почнат откако ќе смениме Уставот.
И додека критиката на „експертите“ и на некои од медиумите останува само на нивото од констатирање на „штетноста на договорот“, „неспособноста на власта“ и дека да не сме прифателе сега, со подобро договарање подоцна ќе сме добиеле подобар договор, опозицијата најавува активност за изнудување одлука со помош на референдумско изјаснување на граѓаните, за прекинување на разговорите за членство во ЕУ под овие услови.
ПЛИТКОСТА НА АРГУМЕНТИТЕ
1.За промената на Уставот
Првата причина за потребата од нов договор со Унијата, според сите критичари, е тоа што сме прифатиле како услов за започнување на вистинските преговори да биде сменет Уставот на Македонија според барањето од бугарска страна и во него да се внесат и Бугарите како дел од другите народи, кои покрај мнозинскиот македонски народ живеат во Македонија.
Ова барање од страна на Бугарија и на ЕУ, дури и за опозицијата не е проблем, бидејќи со тој чин Бугарите се изедначуваат во Уставот со другите „национални малцинства“ што живеат во Македонија и стануваат беспредметни бугарските тврдења за „еден народ во две држави“.
Проблем за опозицијата и за другите критичари е што владиното мнозинство кое ја прифатило преговарачката рамка под тие услови нема двотретинско мнозинство во Собранието и без согласност од опозицијата Македонија не може да почне да преговара.
Со други зборови, Владата згрешила што прифатила услов за кој ѝ е потребна подршка и од опозицијата, а таа не дава поддршка за почнување на преговори под услов кој во принцип за неа не е спорен и не го загрозува, туку го јакне македонскиот национален идентитет и македонската национална посебност.
Владата е виновна што опозицијата не дава согласност и што наместо брза и безболна промена на Уставот со која се обезбедува отворање на кластерите, таа ќе иницирала референдум за прекинување на разговорите и изнудување на подобра рамка за преговори.
2.Историски искуства
Однесување на двајцата проруски пратеници од Левица во оваа ситуација и не е битно, а однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е конзистентно штетно и политички пресметано како во сите други случаи до сега.
Никола Груевски во 2004 година организираше референдум за поништување на новото територијално разграничување на општините и по големата националистичка мобилизација, на тој неуспешен референдум, победи на изборите во 2006 година. Но, по победата не му падна на памет да ја менува одлуката против која се бореше, туку направи прво владина коалиција со ДПА, а веќе во 2008 со ДУИ и сѐ се заборави.
И во 2018 година ВМРО-ДПМНЕ масовно мобилизираше бојкот против референдумот за промена на Уставот и водеше долга кампања против Преспанскиот договор и „националните преавства“ на власта. Но откако на изборите во 2020 година постигна добар успех а не успеа да состави влада почна да говори дека „нема намера да презема акции за менување или поништување на Преспанскиот договор“, дека е добро што Македонија стана членка на НАТО и дека ѝ е потребен партнер за евентуално формирање идна влада од редот на оние партии чиј услов за влегување во влада е прифаќање на тој договор.
Оттука, сосема е јасно зошто Левица и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат промена на Уставот со што би се отстранила една пречка во разговорите за членство во ЕУ, зошто Мицковски бара „изјави за верност заведени на нотар“ од пратениците дека нема да гласаат за промена на Уставот и зошто ќе иницирале референдум за неприфаќање на преговарачката рамка.
Не е јасно само зошто во таквите идеи и постапка ја има поддршката од поранешни експерти за односи со ЕУ, од либерални ориентирани новинари, па и од поранешни функционери на СДСМ. Тие барем треба да знаат каде води и до што може да доведе овој веќе виден квазипатриотизам на ВМРО-ДПМНЕ.
3.Протоколите
Втората причина за силните критики на Владата е тврдењето дека „протоколите кои се инструмент за следење на развојот во добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија“ се дел од преговарачката рамка и дека врз основа на увидот во нив критичарите и опозицијата се убедени дека Македонија „или ќе се бугаризира или никогаш нема да стане членка на ЕУ“.
Отворено или во поттекст се сугерира дека со потпишувањето на протоколите преговарачкиот тим од македонска страна веќе направил „национално предавство“ зад грбот на јавноста.
На опозицијата и на критичарите не им вреди ништо тврдењето на власта дека протоколите не се дел од преговарачката рамка.
Не им вреди ништо изјавата на Фон дер Лајен дека историските прашање не се дел од преговарачкиот процес и дека доброседските односи се дел од преговарачките рамки за сите кандидати за членство во ЕУ.
Сега всушност, оваа втора „поголема опасност“ е доплнителен аргумент и за „беспредметното менување на Уставот во почетокот и реално за блокирање на преговорите.
За жал, Македонија уште со приемот во ООН под референцата Поранешна југословенска Република Македонија и со промената на знамето и Уставот за нормализирање на односите со Грција е изложена на силни критики од ВМРО-ДПМНЕ и од дежурните патриоти за попуштање пред посилните, за национални предавства од страна на власта и разнебитување на државата.
Тоа се случуваше и во 2001 година кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор, при промената на Уставот според тој договор, па во 2004-та со Законот за новата тариторијална поделба, сѐ до 2016 година кога се зборуваше за кантонизација, федерализација и албанизација на државата.
Изборот на Албанец за претседател на Собранието доведе на 27 април 2017 и до крвавите настани во Собранието.
Во сите тие настани и сите години ВМРО-ДПМНЕ и дежурните критичари ја бранеа Македонија од „разнебитување“, од продажба на името, поделба на земјата и од „исчезнување“ на единствената држава на Македонците.
И факт е дека ништо од сите тие апокалиптични изјави не се случи. Македонија ниту се албанизира, ниту се кантонизира, федерализира или разнебити. Напротив. По сите отстапки, денес Република Северна Македонија е единствената држава во светот која го има името Македонија.
Македонскиот јазик е зачуван и е еден од светски признатите јазици. Македонската култура слободно се развива и се шири по светот. Македонската православна црква влезе во канонско единство со другите православни цркви. А навивачите на спортските натпревари никој не може да ги спречи со срце да навиваат за Македонија.
Внатрешно Македонија е стабилизирана, интегрирана и е пример за добрите меѓуетнички односи во светот.
Но тоа не значи дека немаме веќе проблеми со соседите. Напротив. Секој човек роден во Македонија го нервира бугарското негирање на нашата национална посебност и тврдењата дека сме „вештачка и коминтетновска нација“.
И не сме среќни што заради историските околности бугарската држава се стекна со моќ да нѐ уценува и кочи на нашиот пат за членство во ЕУ. Прашањето е само каде го гледаме излезот. И како понатаму. Во одговорот на тоа прашање се разликуваме.
Критичарите сметаат дека сме можеле да добиеме преговарачка рамка за преговори со ЕУ која ќе ја спречела целосно Бугарија да ни поставува нови вета во преговарачкиот процес. Но искуствата од тој процес покажуваат дека не само Бугарија, туку и која било земја-членка на ЕУ има право да го закочи нашето напредување ако не е задоволна од потребното ниво на европеизација на земјава.
Прашањето е само дали Бугарија овој процес на наша европеизација може да го искористи за наша „бугаризација“.
Оние што тврдат дека или ќе се бугаризираме или никогаш нема да станеме членка на ЕУ занемаруваат два факта. Првиот е дека ниту една македонска влада нема да прифати историски интерпретации на Бугарија на штета на македонскиот национален идентитите, дури и по цена на прекинување на разговорите за членство во ЕУ ако се соочиме со таков обид. И второ: Бугарија во таквите свои барања кон Македонија е изолирана во ЕУ.
Затоа, прифаќање дури и на неповолна преговарачка рамка и отстранување на пречката со внесување на малубројната етничка заедница на Бугарите во Уставот во ист ранг со етничките заедници како делови од другите народи што живеат во Македонија покрај мнозинскиот македонски народ, ѝ дава многу поголема можност на Македонија во преговарачкиот процес да го одбрани од посегнување и бугаризирање својот национален идентитет и да ја одбрани својата историска вистина. Преговорите со ЕУ се алатка за одбрана на она што во директни преговори само со Бугарија тешко ќе може да се одбрани.
Обидите за изнудување нова преговарачка рамка се бесмислени како и критиките дека тоа што до сега е договорено е многу лошо, штетно и „разнебитувачко“.
4.Унилатералната изјава за јазикот
И третиоит приговор за рамката кој се појави деновиве беше критиката на унилатералната декларација за јазикот. Се изнесоа бројни критики дека со таа декларација не е доволно опфатена територијалната распространетост на дијалектите од кои произлегува македонскиот јазик и неговата длабока историска (временска) вкоренетост.
Од Советот за македонски јазик и од МНР објаснија дека со таа декларација ништо не е запоставено и со неа се постигнува најважната цел – македонскиот јазик, без какви било дообјаснувања како клучна одредница на македонскиот национален идентитет, да стане еден од официјалните јазици на ЕУ.
Сѐ друго и натаму ќе остане за слободна дебата и толкувања во славистиката, историјата и другите науки. Унилатералната изјава не е научна студија, туку прагматичен потез за еднократна употреба. Таа, како и бугарската изјава, се дадени затоа што сите останати 26 членки на Унијата не го прифаќаат бугарското толкување за македонскиот јазик. И тоа е голема победа за Македонија на почетокот од преговорите.
И на крајот. Ако целта на опозицијата и на критичарите беше да докажат дека условите за започнување на преговорите со ЕУ не се идеални, дека можеле да бидат подобри, но не и дека можат да бидат подобри, и дека нѐ чека долг пат и тешка борба до полноправно членство во ЕУ во која само обединети може да го одбранеме нашите национални интереси и да ги оствариме стратешките цели на државата, таа цел е веќе постигната. Но, ако целта е соема друга, како и во низа други случаи до сега, кога со обвинувањата за „национално предавство“ и со реферндуми за мобилизација на своето гласачко тело бркаа други цели, тогаш треба мнозинството сето тоа да го издржи и да продолжи по својот пат, за кој сегашната опозиција и да дојде и да не дојде на власт ќе каже набрзо, дека ќе продолжат по тој изоден пат, бидејќи „веќе направената штета не можеле да ја поправат“.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)