Што работеа најбогатите луѓе во Југославија на крајот на 80-тите: Апсолутен рекордер бил угостител од Скопје
На списокот нема политичари. Најголеми приходи пријавиле сопственици на приватни ресторани, пејачи, композитори на народна музика, трговски патници, претставници на странски компании, фудбалери, ликовни уметници, новинари и универзитетски професори
Најбогатите луѓе во поранешна Југославија се најдоа на листата на магазинот ТОП од 1988 година. Она што е особено интересно е што на списокот нема политичари. Она, што пак, е најинтересно за нас во Македонија, е што најголем приход пријавил приватен угостител од Скопје, кој бил апсолутен рекордер со тогашни 171 милиони „нови“ динари или 17,1 милијарда „стари“ динари.
Како што пишува Југопапир, во февруари 1989 година, тогашната даночната управа презентирала прелиминарна листа на најбогати граѓани од претходната година, во која било наведено дека најголеми приходи пријавиле сопственици на приватни ресторани, пејачи, композитори на народна музика, трговски патници, претставници на странски компании, фудбалери, ликовни уметници, новинари и универзитетски професори.
Интересно е што на оваа листа немаше политичар. Вреди да се нагласи дека даночната основа не била еднаква за цела Југославија и се пресметувала по оваа формула: просечен приход (во републиките) помножен со три, пишува Југопапир, а пренесува Телеграф.
Така, најголемата даночна основа била во Љубљана и изнесувала 28 милиони динари, а таму највисок приход, во износ од 77 милиони динари, пријавил академски скулптор.
Во Белград рекордер бил пејач на народна музика и пријавил заработка од 142 милиони динари.
Во Загреб – трговец – претставник со 61 милион југословенски динари.
Но, апсолутен рекордер бил сопственик на приватен ресторан од Скопје. Тој пријавил дека во 1988 година заработил 171 милиони динари или 17,1 милијарда „стари“ динари.
Сепак, имињата на најбогатите Југословени сепак се чувале во најстрога тајност.