Што претставува пречистителната станица за отпадни води за Скопје?


 

Пречистителната станица за отпадни води за Скопје (ПСОВ), која треба да се гради во Трубарево, Општина Гази Баба, треба да ги пречистува отпадните, фекални и канализациски води од речиси сите домаќинства во главниот град и такви да се испуштаат во реката Вардар.

Изградбата на ПСОВ сè ущте не е започната, а проектот вреден 136 милиони евра треба да биде завршен до 2030, односно 2045 година.

Изведувачот на градежните работи требаше да биде избран меѓу два конзорциума, но како што соопшти Градот Скопје поради „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“, разрешен беше директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, како и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.

Со пречистителната станица треба да раководи ЈП „Водовод и канализација“.

Каде ќе се гради?

Локацијата за изградба на ПСОВ, согласно Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје 2012-2022, се наоѓа во југоисточниот дел од Скопската Котлина, во рамки на Општината Гази Баба. Сегашната состојба на локацијата е изменета и полуизменета поради земјоделски активности, стои во Нетехничкото резиме за овој проект, изработено во 2018 година.

Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година). Единицата за дезинфекција и одделно третирање на атмосферските води се смета на опционални објекти кои може да се изградат во рамки на втората фаза на проектот. Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар. Предвидениот капацитет на ПСОВ е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.

Која е функцијата на пречистителната станица?

Главните проблеми поврзани со функционирањето на канализациониот систем во градот Скопје се испуштање на непречистени отпадни води во реката Вардар, често прелевање на комбинираната канализациска мрежа во урбаните подрачја во случај на врнежи, нелегални приклучоци на канализациската мрежа, нелегално испуштање во површинските води и оштетени делови на канализациската мрежа.

Итната потреба за изградба на ПСОВ во Скопје е оправдана поради урбанизацијата, растот на населението и брзата индустријализација на градот Скопје и околните населени места, што ќе доведе до поголеми количини на непречистени води од домаќинствата и индустријата кои ќе се испуштаат во реката Вардар.

Колекторите ги изгради претходниот градоначалник Петре Шилегов

Отпадните води ќе се пренесуваат до ПСОВ преку два колектори за отпадни води на левиот и десниот брег на реката Вардар. Колекторот на левиот брег ќе вклучува и изградба на сифон под реката Вардар, но тој ќе се гради со финалната изградба на пречистителната станица.

Овие колектори ќе бидат поврзани на планираната ПСОВ во населбата Трубарево. Тие веќе се изградени. Парите за колекторите се обезбедени со проектот ИПА 2 „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води во градот Скопје“. Инвестицијата е финансирана од ЕУ во износ од над 9 милиони евра и од буџетот на Македонија.

Клучните придобивки од проектот

• Запирање на сегашната пракса на испуштање на нетретирани отпадни води во реката Вардар.
• Проширување на колекторот за отпадни води и поставување на сеопфатен систем за пречистување на отпадните води во Град Скопје, што ќе доведе до подобрување на заштитата на животната средина и здравјето на населението во градот Скопје и подрачјата по текот на реката. Повеќе од 500.000 жители на град Скопје (речиси 1/3 од целпкупното население во Македонија) ќе има придобивка од подоброто управување со отпадните води, како и сите жители во населените места по течението на реката во Македонија и Грција, сè до Егејското Море.
• Исполнување на стратегиските цели утврдени во стратегиите и плановите за управување со водите на државно ниво и испоплнување на одредбите од локалното законодавство со цел водните тела да постигнат „добар статус“ и да се спречи натамошно влошување на постојниот статус на површинските и подземните води.
• Поголеми можности за вработување на локалното население во текот на изградбата и работата на ПСОВ.

Во Нетехничкото резиме се нотира и дека додека трае изградбата на пречистителната станица, воздухот може да биде дополнително загаден со ПМ10 честички, но дека првото населено место е оддалечено 400 -600 метри воздушна линија, па тоа нема многу да ги засега граѓаните. Дополнително, предвидено е околу станицата да се засадат различни видови дрвја, кои би ја штителе околината од потенцијално загадување.

Во моментот во Скопје функционира една пречистителна станица и тоа во Волково, која ги чисти водите на 19.500 жители, а врши механички, биолошки и хемиски третман, како и третман на отпадна мил, а има и биофилтер станица. (Б.Б.)