Што пишува во изборната програма на Пендаровски: Има и грешки, ама патот е тој


Претседател што обединува и гарантира безбедна иднина, шеф на државата што ќе биде нејзино лице, одлични односи со соседите и стратегиска цел за членство во НАТО и во ЕУ, како и владеење на правото и на демократијата. Ова се шесте столба на кои се темели изборната програма на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. Тој ветува дека во првите осум месеци од петгодишниот мандат како претседател ќе реализира итни осум мерки: форум за натпартиски политички дијалог, лице в лице со претседателот, претседателски центар за политичко образование, фонд за стипендирање студенти и истражувачи, годишна конференција за научен и технолошки напредок, волонтирање за солидарно општество, промоција на жените во политиката и советници во кабинетот од сите етнички заедници.
Фаворитот на СДСМ за наследник на Иванов вели дека во изминатите две години нашата земја донесе тешки, но неопходни одлуки што ја зацврстуваат државноста, го обезбедуваат патот кон евроинтеграциите и се гаранција за нашиот економски и социјален напредок.
„Од патот по кој тргнавме, нема враќање назад. Тој пат не е лесен ниту е без пречки. На тој пат, понекогаш, се прават и грешки преку донесување некои недоволно обмислени или недоволно решителни одлуки. Јас сум свесен за тоа. И самиот, понекогаш, не сум задоволен од брзината на реформите или од квалитетот на некои одлуки. Но, исто така, сум цврсто убеден дека патот на кој што заедно тргнавме, мораме заедно да го изодиме до крај за да успееме сите“, нагласува професорот.
Тој ја нагласува обединувачката функција што ќе ја има доколку ја добие поддршката од гласачите, ветува дека ќе го поттикнува заедништвото и меѓусебното разбирање и ќе ги поддржува парламентот и Владата секогаш кога тоа ќе биде во интерес на граѓаните, брз разлика која партија или коалиција е на власт. Смета дека да се биде претседател на државата значи да се биде лицето на татковината, подеднакво дома и надвор и да се биде гордост на граѓаните. Во тој контекст му се нафрла на сегашниот претседател Ѓорѓе Иванов, кого заедно со поранешниот премиер Никола Груевски, негативно ги споменува во секое поглавје од програмата.
„Кога во 2014 година застанав пред граѓаните и се кандидирав за претседател, бев решен да се спротивставам на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов и на неговите погубни политики. Тој со своите изјави и постапки го поттикнуваше рушењето на демократијата, правната и политичката неодговорност и политичкиот реваншизам кои беа секојдневие во времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, предводен од Груевски. Наместо да се бори за заштита на националните интереси и остварување на нашите стратегиски интереси, тој или бегаше од соочување со предизвикот или создаваше конфликти со нашите стратегиски сојузници и со тоа ги оддалечуваше од нас во време кога требаше да донесеме судбоносни одлуки. Таа 2014 година требаше да биде пресвртница за падот на Груевски, затоа сега мораме да спречиме враќање кон темното минато“, коментира Пендаровски алудирајќи и на неговата противничка Гордана Силјановска-Давкова.
Довчерашниот национален координатор за НАТО е уверен оти членството во овој воен сојуз ќе донесе економски напредок, инвестиции и нови работни места. Сепак, нагласува дека нашите стратегиски определби не се пречка за соработка и со многу други држави, пред сè со Русија и со Кина, како големи држави, значајни економии и држави кои се постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации изразувајќи увереност оти тие ќе го почитуваат македонскиот избор за членство во НАТО. И за Србија, која себеси се прогласи воено неутрална, мисли дека нема да се лути што ќе станеме 30. членка на Алијансата и ќе настојува да гради конструктивни и блиски односи, иако тие чкрипат во последно време поради обвинувањата од Белград за македонско сценарио во рушењето на Александар Вучиќ.


„Наместо професионални и искусни дипломати или интелектуалци со авторитет во државата и странство, за амбасадори, конзули и други дипломатски претставници се праќаа партиски послушници без никакво професионално и политичко, а најмалку дипломатско искуство. Тоа планирам да го променам“, дециден е Пендаровски.
Секогаш кога ќе смета дека некој закон е неуставен или штетен за граѓаните, нема да го потпишува туку ќе го враќа на повторно разгледување во Собранието. Како врховен командант, вели дека примарна цел ќе му биде зголемување на буџетот на армијата и достигнување на стандардот од најмалку 2 отсто од БДП за нејзино финансирање.
„Но и стандардот на нејзините припадници не е помалку важен за успешното и ефикасно функционирање на нашиот одбранбен систем. За таа цел, континуирано ќе соработувам со Владата и со Министерството за одбрана во планирање и спроведување на проектот за подобрување на стандардот на припадниците на армијата, а пред сè во однос на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на армијата по нивното пензионирање од активна служба во армијата“, најавува некогашниот советник во кабинетите на експретседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски и дополнува дека во Советот за безбедност ќе вклучи и членови на опозицијата.

Преку дијалог со партиите до национално помирување
Во рамките на заложбата за поттикнување на политичкиот дијалог, националното помирување и надминувањето на општествените конфликти, Пендаровски би организирал редовни средби со политичките партии.
„Ќе поттикнувам постигнување натпартиски компромиси за стратегиски важните прашања. Во рамките на форумот, според потребите, ќе биде вклучена и академската и стручната јавност, бизнис-заедницата, синдикатите и граѓанските организации“, потенцира кандидатот за претседател поддржан од власта.

Најмалку 50 проценти жени на изборните листи
„Ќе назначам посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката. Заедно со неа, мојот кабинет ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката. Ќе ги поддржам заложбите за задолжително учество од најмалку 50 проценти жени на изборните листи на парламентарните и локалните избори. Активно ќе се залагам за осигурување зголемено присуство на жените на сите нивоа на одлучување во националните, регионалните и меѓународните институции и механизми за спречување, водење и решавање на конфликтите во рамките на националните активности за имплементација на резолуцијата 1325 на Генералното собрание на Обединетите нации“.

Горан Адамовски