Што облече првата дама Ѓоргиевска на отворањето на „Охридско лето“: Пурпурна тоалета со неколку слоеви симболика


Лејла Сабит

Вечерна тоалета без ракави во пурпурна боја, која носи во себе неколку слоеви на симболика, но и потсетува на длабоките нијанси на езерото на полноќ избра првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска за отворањето на јубилејното 60. Охридско лето“ што синоќа се отвори под покровителство на претседателот Пендаровски.

Во услови на коронакриза и намален број на публика-само 400, Ѓоргиевска пак блесна ненаметливо, достоинствено, елегантно, во овие моменти специфични за сите нас, во дизајн на Лидија Георгиева кој беше посебен дизајнерски и занаетчиски предизвик.

-Дизајнот е инспириран од античкиот театар во Охрид, се работи за долг лелеав фустан во два слоја и со специфични фалти во горниот дел. Ова е парафраза на драперијата и на кратката и долга туника од  класичните драми. Достоинство, елеганција и модерна класика, во овие моменти специфични за сите нас, овој дизајн беше посебен дизајнерски и занаетчиски предизвик. Силуетата е надополнета со маска од истиот материјал, која е нагласена со брош од филигран рачно изработен од Славица Трчкова. Материјалот е купен во Скопје и изработката е од домашни мајстори на занаетот, ни изјави ексклузивно за „Независен“ Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и  реномирана модна дизајнерка, со богато модно портфолио кое го има создавано меѓу Париз и Скопје.

Дизајнирање за првата дама, според Георгиева, е посебен предизвик, бидејќи мора да се одговори на неколку критериуми.

-Најчесто се работи за настани на високо државно ниво, потребна е елеганција и совршена изработка, но и добро да се одмери дозата на модерност и стил кој треба потполно да одговара на нејзиниот персоналитет. Секако дел од мојата работа е и да има дизајнерски печат и приказна што ќе го издвои од другите фустани. Сето тоа заедно треба да се склопи во силуета која зрачи достоинство, грациозност, мајсторска изработка, познавање на работата, искуство и зрелост. Затоа и не може секој да се бави со овој специфичен сегмент од модата, вели нашата позната дизајнерка.

Дружбата со првата дама започнала пред неколку години и постепено прераснала во прекрасно пријателство.

-Одтогаш таа е верна публика на моите ревии, но и на ревиите на студентите на ТМФ. Како сопруга на претседателот на РСМ, се појави неколку пати во дизајни кои ги конципирав ексклузивно, а секој од тие дизајни носи посебна приказна, соодветна на настанот.

Би го издвоила фушиа комплетот, капут и фустан кој таа го носеше при официјалната посета на Полска, кој имаше многу позитивни реакции во јавноста. Исто така голем успех имаше и долгиот фустан во боја на модар патлиџан, кој таа го носеше на традиционалниот новогодишен прием на дипломатите. Фустанот беше декориран со мотиви од филигран кои ги дизајнирав во форма на листови од дрво. Овој природен елемент има неколку значења, но пред сѐ е израз на поддршка на локалните вештини, занаети и културно наследство, ни изјави Георгиева.