Што ни забележа Европската комисија во извештајот?
Во извештајот е даден многу мал простор на меѓусоседските односи и спорот со Бугарија, кој само се споменува со оценката дека има негативен ефект на кредибилитетот на Унијата. Во него исто така не се регистрира воопшто некакво нарушување на правата на Бугарите во Македонија
Слободанка Јовановска
Во пресрет на вториот круг на локалните избори Европската комисија, во најновиот извештај за Македонија, бара промените што ги бараат ОБСЕ и ОДИХР да се прават многу порано, бидејќи овие што беа донесени во последен момент годинава внеле неизвесност во процесот. Според Брисел, препораките за измена на изборното законодавство на ОБСЕ и ОДИХР сѐ уште не се целосно исполнети, а тоа што е сменето било спроведено без значајно учество на политичките партии, веројатно мислејќи на помалите.
Иако гледа големи подобрувања во законските рамки во други облчасти, ЕК има забелешки како тие се спроведуваат во реалноста. Така, на пример, се оценува дека Агенцијата за одземање на нелегално стекнат имот во ЈО е без заби, односно постои и има надлежности, но нема доволно кадар бидејќи има вработено само еден место пет јавни обвинители. Забелешки има и за реформата на разузнувачкиот сектор. Според ЕК, АНА (Агенцијата за национална безбедност) е функционална, но и натаму е сместена во просториите на МВР иако треба да биде незабвисно тело без полициски овластувања, за разлика од тие на УБК. Техничките услови за правилно функционирање на системот за следење на комуникациите, според ЕК, се подобрени но сепак три од 6 овластени тела треба допрва да се поврзат со Оперативно техничката агенција (ОТА).
Ек смета дека заглавиле и реформите на системот за локална самопуправа кои почнаа во 2019 година и дека напорите да се подобрат општинските финансии дале мешани резултати.
„Приходите собрани на локално ниво се зголемија како процент од вкупните приходи на општините и се подобри транспарентноста на локалните буџети. Ад хок финансиските трансфери од централно на локално ниво обезбедуваат краткорочно олеснување, но не придонесуваат за изградба на одржлива финансиска рамка базирана на предвидливи ресурси. Потребни се повеќе напори за зајакнување на капацитетите за управување со јавните финансии и внатрешна ревизија на локално ниво“, оценува ЕК.
Политички освен оценката дека работата на Парламентот била успорена поради поларизацијата внатре, слабото мнозинство на Владата и Ковид кризата, Парламентот не успеал подобро да ја испланира и искоординира својата работа за да обезбеди предвидлив процес на донесување закони, при што се посочува на одолговлекувањето да се изгласаат пакет законите со помош за епидемијата. ЕК практично посочува дека во Парламентот постоел филибастер и дека Владата зѐа да го избегне тоа ставила многу закони во брза процедура, што пак го критикувала опозицијата. За ЕК сепак е загрижувачки бројот на закони што бил донесен со брза процедура,т.е. европско знаменце.
Во однос на самите политички партии ЕК оценува дека треба да се продолжи со подобрување на транспарентност во финансирањето според препораките на Групата држави против корупција (ГРЕКО) . Од политичките партии, исто така, се бара да ги подобрат своите внатрешни демократски процеси, со забелешка дека СДСМ ги одржа првите директни избори за лидер на партија.
Притоа се наведува дека во 2020 година, според ДЗР, 13 политички партии не поднеле во законски предвидениот рок еден или сите три вида финансиски извештаи – годишни сметки, годишни финансиски извештаи и извештаи од регистарот на донации примени за 2019 година. пред Министерството за правда за што им била изречена мерка за суспензија на исплата на средства за редовно годишно финансирање.
„Во 2020 година, беа извршени ревизии на финансиските извештаи за редовното работење на четири политички партии, како и ревизија на финансиските извештаи на сите 15 организатори на изборни кампањи за предвремените парламентарни избори во 2020 година. Според новата систематизација, ДЗР воспостави нов сектор со надлежност за ревизија на политичките партии, Државната комисија за спречување корупција, Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, оценува ЕК.
Генерално според ЕК, од суштинско значење е да се заврши и назначувањето на членови на независни и регулаторни тела врз основа на заслугите, а функционалната независност на овие тела да се гарантира во секое време, вклучително и преку соодветни финансиски средства.
За судскиот систем ЕК смета дека е зајакната судсктаа независност и решавањето на случаите со неказнивост на полицијата.
„Продолжува имплементацијата на судската стратегија, вклучително и Законот за Јавното обвинителство, обезбедувајќи одговорност за кривичните дела што произлегуваат и се поврзани со незаконските прислушувања. Државната комисија за спречување корупција, користејќи ги своите засилени овластувања, продолжува да дава резултати, вклучително и за случаи на високо ниво. Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост“, оценува ЕК.
Според Брисел, важно е да се осигура дека судството е заштитено од каков било ризик или перцепција за непотребно надворешно мешање.. Довербата на јавноста во судскиот систем, според оценката, ќе се зајакне со постапување и конечно затворање на судските случаи на поранешното Специјално обвинителство (СЈО).
„Одржливоста на работата на поранешното СЈО, во обезбедувањето одговорност за злосторствата што произлегуваат и се поврзани со прислушкувањето, беше спроведена со примена на Законот за Јавно обвинителство. Одредбите на законот треба правилно да се имплементираат, со цел да се обезбеди професионален и непристрасен обвинителски систем, поотпорен на ризици од надворешно мешање. Законот за управување со предмети во судовите стапи на сила во февруари 2020 година. Одредбите на законот ја регулираат автоматската и случајна распределба на предметите во судовите, 19 преку автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети (ACCMIS). Во октомври 2021 година, Апелациониот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда против поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд за манипулација со ACCMIS“, се оценува во извештајот.
Притоа се наведува дека Судскиот совет примил 140 барања за утврдување одговорност на судија/претседател на судот во 2020 година.
„Од јуни 2020 година, Судскиот совет разреши седум судии, меѓу кои и поранешен претседател на Врховниот суд. Општата причина предвидена за отказите е поврзана со непрофесионално работење. Државната комисија за спречување на корупција издаде прекршочни платни налози против 15 судии или претседатели на судови и 10 обвинители (од поранешното Специјално обвинителство) за неподнесување декларации за имот или извештаи за промена на имотната состојба и интерес“, забелеѓува ЕК.
Во оценката исто така се посветува внимание на екипираноста на судството. Така, стои дека според Европската комисија за ефикасност на правдата (ЦЕПЕЈ), буџетот за судскиот систем за 2020 година изнесувал 40 милиони евра, што е 19,5 евра по жител,или помалку од просекот на Западен Балкан од 37,8 евра, а покрај тоа и намален за 8,3% од 2019 година. Во споредба со 2019 година, имало и мало намалување на бројот на судии и обвинители.
„ Останува од суштинско значење да се обезбеди соодветна проценка на потребите за персонал, особено во обвинителските служби, врз основа на навремена имплементација на усвоените стратегии за човечки ресурси за судовите и јавните обвинителства“, вели ЕК: Притоа се споменуваат и препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки и се препорачува изборот на тројца нови судии на Уставниот суд, на пет заменици правобранители и член на Судскиот совет да се спроведе навремено и инклузивно.
Поконкретно за работата на ДКСК стои дека била проактивна во спречувањето на корупцијата и отворила неколку случаи, вклучително и против службеници на високо ниво
„На Државната комисија и беа доделени нови простории. Како и да е, напорите за подобрување на неговото функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање стручен кадар. Треба да се обезбедат и соодветни ресурси за Канцеларијата на Основниот јавен обвинител за организиран криминал и корупција со цел да се обезбеди ефикасна одговорност за злосторствата што произлегуваат и се поврзани со прислушувањата, како и за нови случаи на корупција од висок профил; Продолжете да го зголемувате учинокот на осуди во случаи на корупција на високо ниво, проследено со конфискација на криминални средства, врз основа на позитивните резултати од минатата година“, препорачува ЕК.
Притоа се оценува дека „продолжил напредокот во истражувањето, гонењето и судењето случаи на корупција, вклучително и случаи на корупција на високо ниво“, и покрај фактот што рочиштата се забавија поради Ковид-19.
„Покрај тоа, беа отворени нови случаи на корупција на високо ниво. Случаите на поранешното СЈО продолжија да се судат главно под јавен обвинител за организиран криминал и корупција. Досега има правосилни пресуди за седум случаи против 17 обвинети. Судењата се во тек за повеќето од преостанатите случаи, со неколку десетици сослушувања што се одржаа во текот на целата година . Случаите на поранешното специјално обвинителство продолжија да се судат главно под јавен обвинител за организиран криминал и корупција. Досега има правосилни пресуди за седум случаи против 17 обвинети. Судењата се во тек за повеќето од преостанатите случаи, со неколку десетици сослушувања што се одржаа во текот на целата година. Судовите издадоа 39 затворски казни, вклучително и против истакнати поранешни владини функционери, како поранешен премиер, поранешен министер за транспорт, поранешен министер за внатрешни работи и поранешен директор на Бирото за безбедност и контраразузнавање (УБК). Тројца од прогласените за виновни остануваат на слобода“, набројува извештајот.
Она што се забележува во извештајот е дека е даден многу мал простор на меѓусоседските односи и спорот со Бугарија, кој само се споменува со оценката дека има негативен ефект на кредибилитетот на Унијата. Во извештајот исто така не се регистрира ниту се споменува евентуално нарушување на правата на Бугарите во Македонија, туку напротив јасно стои дека сите случаи отворени во Стразбур се за сѐ, само не за ова прашање.